Ковачевски во Собранието ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа

Мандаторот за состав на новата влада на Република Северна Македонија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално му ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

-Составот на владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на Владата. Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада, рече Ковачевски откако во Собранието ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

Според него, клучен и прв приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата која што е европска енергетска криза и која што се чувствува и во РСМ.

-Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието на РСМ во декември, рече Ковачевски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање зошто одлучил да направи компромис и во новата влада да задржи дел од претходните министри истакна дека во донесувањето на одлуките се водел од принципите на исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори.

-Предлогот беше таков да имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден ресор одат во друг. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговараат повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година, рече Ковачевски.

На прашањето дали со тоа што одлучил одредени министри од претходната влада да не се дел од предлог составот за новата сака да прати порака дека не е задоволен од тоа како се работело во ресорите со кои управувале, или само станува збор за политичка одлука заради балансирање помеѓу барањата на коалициските партнери, мандатарот Ковачевски истакна дека тие министри понеле товар во две исклучително тешки кризни години, но оти сами најавиле дека нема да учествуваат во новата влада.

-Тие веднаш по оставката на премиерот Заев ги понудија исто така своите оставки, односно комплетно растеретени од учеството во новата влада. Јас за нив сметам дека добро ги извршуваа своите задачи со тоа што во еден дел имаме ресори коишто низ преговорите се кај друг коалиционен партнер, а во друг случај имаме министри коишто одлучија својата кариера да ја насочат во друга насока, рече Ковачевски.

Во врска со евроинтеграциите на земјава, тој нагласи дека тие и натаму остануваат врвен приоритет на владата.

-Доколку ја погледнете Програмата, таа сега ќе биде доставена и до пратениците, цело поглавје е посветено на евроинтеграциите. Ние сме членка на НАТО и тоа е најголемата придобивка која што ја имавме од владата предводена од СДСМ и коалициските партнери бидејќи беа донесени навистина тешки и големи одлуки за државата. Второ, ЕУ е наша стратешка цел и ние заслужуваме отворање на преговори со ЕУ, што е резултат и на четирите последователни позитивни извештаи од страна на ЕК. „Отворен Балкан“, исто така, е адресиран во Програмата бидејќи сметам дека регионалната соработка која што се базира на европски вредности и која што заснова на четирите слободи на ЕУ исто така е застапена и ќе продолжиме кон таа регионална соработка, рече претседателот на СДСМ и мандатар Ковачевски.

Тој дополни дека во новата програма е адресирано и прашањето за предизвикот којшто го имаме со Република Бугарија и притоа нагласи дека само низ дијалог, меѓутоа низ дијалог којшто е насочен кон иднината, кон проекти коишто значат подобро поврзување на граѓаните, на економиите, на културата помеѓу државите и на градење на една таква соработка и враќање на довербата, може да дојдеме до заедничко прифатливо решение.

Тоа решение, вели, мора да се базира на европски вредности, кое што ќе го задржи достоинството на граѓаните на двете држави и, како што нагласи, ќе овозможи Северна Македонија конечно да го добие датумот за првата меѓувладина конференција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава на крајот од декември, најави дека ако предлогот за нова влада пристигне до 11 јануари, во консултации со пратеничките групи, ќе определи датум за одржување седницата, која најверојатно би била на 15-16 јануари. Додаде дека очекува новата Влада да биде изгласана на 16, пред 24 часот, и таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *