Ковачевски и Петков најавуваат нова страница во односите меѓу Скопје и Софија

Отворање нова страница во односите со Бугарија и изградба на искрено пријателство и подобра иднина за двете земји, очекува мандатарот за состав на новата влада Димитар Ковачевски од средбата со бугарски премиер Кирил Петков, кој на 18 јануари доаѓа во посета на РС Македонија.

Ковачевски во интервју за МИА вели дека очекува со Петков да ги утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.
– Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси, истакна Ковачевски во интервјуто за МИА.
Нагласува дека двете земји имаат огромен потенцијал за развивање на конкретна соработка во повеќе области: економија, инфраструктура, туризам, образование и култура, помош во европските интеграции и зближување на нашите народи и граѓани.
Ковачевски вели дека во целиот тој процес не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, што е неотуѓиво право на секој народ.
-Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии, вели Ковачевски.
И бугарскиот премиер Кирил Петков очекува неговата посета на Скопје да означи нов почеток во развојот на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и да се утврдат следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.
-Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес, вели Петков во пресрет на посетата на Скопје.
Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето на функција на новата Влада на Република Северна Македонија.
– Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји, наведува МНР.
Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

И Франција, како актулен претседавач со ЕУ, се надева дека со добра волја и преку разговори може да се дојде до решение за спорните прашања и да се деблокира евоинтеграцијата на С Македонија.

– Со разбирање и слушање, работите може да се средат, изјави викендот француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин и најави можност Париз да посредува меѓу Софија и Скопје.

За Франција, посочи Робин, прашањето за проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје. На овој начин, како што вели, ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба на Париз.

Со отворени писмо до премиерите на двете земји во кое повикуваат на надминување на недоразбирањата, се огласија неколку граѓански здруженија од Бугарија и Македонија, и Бугарско-македонска стопанска комора. Ја поздравуваат желбата на Петков и Ковачевски за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие ги поздравуваат конструктивните потези на новата бугарска влада и лично на премиерот Кирил Петков и се надеваат дека и Димитар Ковачевски и новата влада во Република Северна Македонија, доколку бидат избрани, ќе направат исти такви коректни и точни потези. Според авторите на писмото, барањата на Петков за проширување на односите меѓу Софија и Скопје со заеднички работни групи во различни области се можност да се потпрат на Договорот за добрососедство, кој, се наведува, треба да биде фундаментален за односите меѓу двете земји. Ова исто така, се додава, ќе и овозможи на Бугарија да ја врати својата корисна улога во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, како и да ги поттикне аспирациите на другите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *