Претседателот Пендаровски неделава треба да го довери мандатот за формирање нова Влада

Откако во четвртокот Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова Влада. Шефот на државата во телевизиско интервју истиот ден изјави дека очекува мандатот на мандатарот да му го додели во вторник или среда.

–  Ми треба уште еден допис, кому да дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек, рече Пендаровски во интервју за Канал 5.

За мандатар се очекува да биде предложен новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Според најавите, денеска ќе заседава Централниот одбор на СДСМ на кој  Ковачевски и официјално би требало да биде потврден како кандидат за нов премиер.

На седницата на ЦО ќе се гласа и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, но не и за министерските функции во новиот владин кабинет.

Претседателот на државата Пендаровски смета дека Ковачевски е непознаница во политиката затоа што не бил на позиција претходно, но смета дека треба да му се даде шанса.

– Треба да му се даде шанса. Факт е дека има богато академско искуство, има години и години партиски стаж во СДСМ, таму го познаваат. Мислам дека има конекции со разноразни групации кои постојат. Мислам дека има добра стартна основа, рече Пендаровски во интервјуто.

Во услови кога во јавноста веќе се посочуваат можните нови членови на Владата, некои од актуелните министри најавија повлекување. Така, министерката за одбрана Радмила Шекеринска уште пред 10 дена информира дека нема да биде дел од новата Влада, откако пред осум месеци се повлече и од функцијата заменик-претседател на СДСМ.

По неа, и министерката за образование и наука Мила Царовска соопшти дека донела одлука да не учествува во новата Владата. – Во изминатите пет години заедно со мојот тим навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и во силата на жените и младите, рече Царовска.

Вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во предновогодишното видео интервју за МИА изјави дека е подготвен да остана на функцијата и во новата влада.

– Сметам дека секој носител на функција треба да ја извршува функцијата одговорно и со одредени резултати. Сметам дека во изминатиот период се обидов да бидам одговорен на позицијата која што ја имав и да испорачам одредени резултати. Останува на новиот мандатар да утврди дали тоа е доволно за да бидам носител на функција во следниот состав на владата. Ако одлуката е да бидам, секако ќе ја прифатам затоа што сметам дека делиме исти вредности и исти политики и тоа е клучното за нашата земја во овој момент да се поддржуваме, нагласи Битиќи.

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски во четвртокот, гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, изјави дека смета оти не треба да биде дел од новото раководство на партијата, нагласувајќи дека во новиот партиски тим треба да бидат нови луѓе кои имаат енергија и една поинаква визија.

Претходно, истиот ден, Спасовски на прес-конференција не сакаше да коментира дали ќе биде дел од новата Влада. – Ништо нема да коментирам, а за сите идни случувања во овој дел ќе донесам дополнителна одлука, изјави Спасовски.

Својот ресор во новата Влада нема да го задржи ни министерот за здравство Венко Филипче, бидејќи со договорот со новиот коалициски партнер Алтернатива, оваа партија ќе го добие раководењето со Министерството за здравство, на чие чело би застанал Беким Сали. Алтернатива дополнително за министер за информатичко општество и администрација го номинира Адмирим Алити, а за министер без ресор одговорен за дијаспората Џемаил Чупи.

ДУИ веќе најави дека останува на ставот оти нема да има промени на нивните министри, со исклучок на актуелниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, чиј ресор го добива Алтернатива и кој би застанал на чело на Министерството за образование и наука. Се очекува функцијата да ја задржи и министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *