Шентоп: Турција моќно го поддржува напредокот на процесот на полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ

Им посветуваме значење на евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија и се надеваме на отстранување на пречките во оваа насока. Северна Македонија, која со членството во НАТО си ја запечати целта во оваа насока, несомнено има заедничка иднина со Европска Унија. Турција моќно го поддржува напредокот на процесот на полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, порача претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп на денешната 58-та седница на Собранието.

Шентоп ни ја честиташе 30-годишнината на независноста на земјава и ја истакна волјата на соживот на разни вери и култури. Во темелот на цврстите пријателски односи помеѓу Турција и Северна Македонија, како што рече, се наоѓаат нашите меѓучовечки односи. – Претпочитавте политика која се грижи за мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот. Секогаш бевте на страната на добрососедските односи и градење на заеднички интереси. Надминувајќи секакви потешкотии во насока на овие свети цели, и во денешницата, со иста храброст, ги штитите истите. Овој разумен и одлучен став на Собранието и народот на Република Северна Македонија ги заслужува сите почести, нагласи Шентоп.

-Уверен сум дека парламентарната димензија на нашите билатерални односи, слично како и во минатото, и во иднина ќе одигра значајна улога во зајакнувањето на соработката помеѓу нашите земји и народи. Во денешницата кога парламентарната дипломатија извршува нови функции, задоволува фактот дека редовно се одвиваат билатерални средби помеѓу нашите законодавни домови. Верувам дека блиската соработка и координација во парламентарните асамблеа, како ПССЕ, ПС на НАТО, ПС на ОБСЕ и Интерпарламентарна Унија, во кои заеднички членуваме, ќе придонесе во постигнувањето на заедничките интереси на нашите земји, рече Шентоп. Додаде дека треба да се зајакнат односите меѓу нашите парламентарни групи на пријателство, стручни комисии и административни служби.

Пред пратениците тој соопшти дека континуирано ги охрабруваат претприемачите од Турција на најдобар можен начин да го искористат потенцијалот што го нуди нашата држава.

-Турските компании во земјава реализирајќи низа проекти од голем обем, како и инвестиции кои опфаќаат широк дијапазон, успешно ја претставуваат нашата земја. Вкупната вредност на инвестициите достигна сума од 1,3 милијарди долари, додека тие овозможуваат над 5.000 вработувања. Нашите градежни компании, активно учествуваат на тендери и проекти во Северна Македонија од областите на железници, хидроцентрали, дистрибутивна мрежа на природен гас, соларна енергија и автопатишта, рече Шентоп, додавајќи дека треба да ги зајакнеме дијалогот, соработката и солидарноста.

Достигнатиот импулс во билатералната трговија, како што рече, ни дава на знаење дека во блиска иднина ќе ја постигнеме заедничака цел од 1 милијарда долари.

Тој посочи дека има потекло од Гевгелиско и информира дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во различни региони на земјата реализираше повеќе проекти од областа на инфраструктурата, земјоделството, културата… Најави дека во иднина ќе настојуваат да ги споделат искуствата од областа на образованието. Ќе продолжи и поддршката за обука на персоналот и модернизацијата на вооружените сили.

Во своето обраќање Шентоп потсети на пандемијата со Ковид-19 и додаде дека испратиле помош со медицински материјали во многу земји, меѓу кои и Северна Македонија. Турција, како што рече, е во последна фаза на развој на сопствената ковид вакцина „Турковак“. По започнувањето на производството, најави дека вакцината ќе ја споделат со нас.

-Турција и посветува големо значење и се обидува да придонесе на обновата и заживувањето на Северна Македонија во областа на инфраструктурата, енергетиката и стопанството, како и во здравството, образованието, културата и уметноста. Ова го сметаме за обврска која извира од нашите длабоки и моќни врски и нашето пријателство, нагласи претседателот на Големото национално собрание на Турција.

Шентоп на турската заедница во земјава им го честиташе 21 Декември – Денот на настава на турски јазик.

По церемонијата на свечен пречек со високи државни и воени почести пред законодавниот дом, Шентоп имаше средба со неговиот домаќин Талат Џафери и се потпиша во Книгата на впечатоци. Предвидена е и средба со претседателот Стево Пендаровски.

Поради почитување на мерките за заштита од Ковид-19, на седницата беа поканети и виртуелно имаа можност да ја следат и претставници на дипломатскиот кор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *