Министерот Спасовски оствари средби со високи европски претставници во Брдо кај Крањ

Постигнувањата на земјата во однос на исполнување на препораките од заедничкиот Акциски план за борба против тероризмот се неспоредливо позитивни во изминатиот период. Посебно значајни резултати се постигнати во 2020 година, кога беше сузбиена 11-члена терористичка организација, а во рамки на случајот беше запленета и поголема количина оружје, муниција и експлозив, истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на министерскиот форум „ЕУ-Западен Балкан“ во Брдо кај Крањ во Словенија.

Во рамки на овој форум Спасовски остварил билатерални средби со координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Илка Салми, еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон и директорката на Европската канцеларија за поддршка во областа на азилот (ЕАСО), Нина Грегори.

Како што соопштија од МВР, на средбата биле поздравени остварувањата во текот на 2020/2021 од аспект на 11 донесени правосилни пресуди од областа на борба против тероризам, со кои е изречена казна затвор на 11 лица, како и преземената солидарна одговорност на Северна Македонија, како земја членка на НАТО, активно да се вклучи во заложбата на меѓународната заедница да ги заштити цивилите изложени на ризик во Авганистан, кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле со меѓународни организации и агенции.

Притоа, министерот Спасовски го нагласил огромното значење на поддршката од пријателите, институциите и земјите членки на Европската Унија во исполнување на приоритетите во ова област.

Билатералната средба со еврокомесарката Илва Јохансoн поминала во знакот на повеќе прашања од аспект на внатрешните работи, а акцентот бил ставен на миграцијата и борбата против организираниот криминал.

Од МВР посочија дека за време на разговорите бил нотиран значителниот напредок на државата во областа на правдата, слободата и безбедноста и вложените напори за исполнување на потребните критериуми, што резултираше со препорака за отворање на пристапните преговори без никакво одлагање согласно последниот извештај на Европската комисија.

Министерот Спасовски истакнал дека формалниот почеток на пристапните преговори, вклучувајќи ги и поглавјата 23 и 24, ќе овозможи продлабочување на реформите и постигнување на подобри резултати во воведувањето на ЕУ стандардите кои ќе донесат добросостојба на сите граѓани. Според него, отворањето на пристапните преговори би обезбедило дополнителна мотивација, не само за Владата и администрацијата, туку и за целото општество, а одлуките што треба да се донесат на претстојниот декемвриски состанок на Советот на ЕУ, не се важни само за иднината на Северна Македонија, туку и за регионот и за самата Унија.

-Продолжуваме со имплементацијата на ЕУ реформите во нашето општество. Во тој дух, реформскиот план на Владата на РСМ „Европа дома“ беше усвоен за да се насочи реформската агенда во избраните приоритетни области, вклучувајќи ги и темите што ги  дискутиравме на овој министерски форум. Дополнително, Владата ја усвои Националната програма за усвојување на правото 2021-2025, како сеопфатен клучен стратешки документ кој ги дефинира реформските приоритети, временската рамка и потребните ресурси за севкупниот процес на пристапување, рекол Спасовски во текот на средбата со еврокомесарката Јохансон.

Тој истакнал дека определбата на нашата држава да биде дел од глобалниот одговор за управување со миграциските текови се рефлектира и во изготвувањето на новата Резолуција за миграциска политика. Оваа Резолуција во моментов е во фаза на усвојување од страна на Собранието, а целта е зајакнување на систематско регистрирање мигранти и заштита на профилирање на чувствителни податоци, со поддршка на ФРОНТЕКС, со кој соработката се продлабочува во сите области. Ќе се работи на подготовка на Мастер-план за регистрација на мигранти кој претставува основа за развивање на таков ИТ-систем кој ќе биде во можност да се приклучи кон ЕУРОДАК веднаш по пристапувањето на државата кон ЕУ.

Притоа, било изразено задоволство од усогласеноста на законодавството на Северна Македонија во делот на азилот со законодавството на ЕУ. Министерот за внатрешни работи ја запозна еврокомесарката Јохансон и за усвоената Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план, која истовремено е и дел од мерките од Планот за борба против корупција.

Од МВР потенцираат дека една од темите за дискусија на третата билатерална средба со Нина Грегори бил патоказот за соработка со Северна Македонија, кој беше официјално одобрен во декември 2020 година, а EAСO подготви План за негова имплементација, кој беше споделен во јуни 2021 година.

Министерот Спасовски истакнал дека во изминатиот период се финализираа предвидените активности за обуки на основните модули на ЕАСО за вработените на Секторот за азил, додека за стандардните оперативни процедури, чија македонска верзија уште минатата година беше доставена до ЕАСО, е предвидено нивно дополнување, како одговор на потребата за нивно прилагодување со новонастаната состојба.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *