Пендаровски: Да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови

Она што е многу важно и што мора сите заедно да го правиме, секој ден, без исклучок, за време на целиот работен век е да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови. Вие морате да и служите на државата, независно од политичките гарнитури на власт и независно од вашите лични и политички убедувања. Затоа што тоа е фундаментот на секоја професионална армија, политиката мора да биде надвор од војската, порача врховниот командант и претседател Стево Пендаровски на свечената церемонија за промоција на нови офицери – потпоручници од 21-та класа и заклетва на 25-тата класа на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

На свеченоста присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и останати високи гости од Министерството и Армијата.

Претседателот Пендаровски истакна дека ова е голем ден за сите оние кои се промовирани во потпоручници. Потенцира дека офицерскиот чин значи чест, достоинство и одговорност кон Армијата и кон татковината.

– Од вас очекуваме да внесете нова енергија, нови знаења и вештини во структурите на Армијата и сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со што ќе придонесете за зацврстување на борбената готовност и моралот на Армијата, рече Пендаровски.

Пендаровски рече дека им се оддава посебно признание на тројцата најуспешни питомци, Реџеп Мустафовски, Илчо Георгиевски од родот „врски“ и Дамјан Ангелески од родот „пешадија“. Овие тројца питомци, како што рече, покажуваат дека дисциплината, совесноста и одговорноста се клучни за секој успех во секоја сфера.

Шефот на државата порача дека во Армијата нема и не смее да има место за стереотипи и предрасуди од било каков вид.

-Не случајно Армијата е институција со континуирано висока доверба меѓу македонските граѓани. Нашите луѓе препознаваат дека припадниците на Армијата се мажи и жени од збор. Како што со право секоја година велиме дека припадниците на Армијата треба да ја почитуваат дадената заклетва, така и државата мора да ги исполнува своите обврски кон своите старешни и војници. Врвен приоритет во сферата на одбраната е да се грижиме за војниците и старешините, да работиме на подобрување на стандардот на сите оние кои наспроти сите предизвици ја одбрале оваа благородна, но многу одговорна животна професија, порача Пендаровски. На сите питомци им го честиташе давањето на заклетвата и промоцијата во чин потпоручник.

Претседателот Пендаровски посочи дека меѓу нашите најголеми достигнувања за 30 години независна држава се вбројува членството во НАТО. Иако пандемијата на Ковид-19 и енергетската криза, како што рече, притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, сепак, мораме да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата на функционирањето и на сите други општествени сектори.

Деканот на Воената академија полковник професор Митко Богдановски им порача на студентите да не се откажуваат, да бидат упорни, да се трудат, да научат повеќе, да се почитуваат меѓу себе и така ќе бидат успешни идни лидери и офицери.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *