Димитров: Сакаме решение за името, но не зависи се од нас

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека ситиацијата со преговорите со Грција се менува секојдневно и од тоа зависи оптимизмот за евентуално решение. Македонија, посочува тој, прави се да се дојде до достоинствен компромис кој така ќе биде доживеан од двете страни. Не се плашиме, посочува, да им погледнеме на проблемите во очи, но не зависи се од нас.

– Не е се во наши раце. Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги покрие грижите на двете страни во смисла на дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција, но дистинкција што ќе биде достоинствена и нема да навлезе во идентитетските прашања на двете страни. Две европски држави во 21 век кои споделуваат географски регион Македонија треба и мора да најдат начин како да споделуваат и такви културни наследства, дури и тогаш кога под поимот подразбираат различни работи или ставаат различен акцент, рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со неговиот полски колега Јацек Чапутовиќ.

Ако се суди по она што го направивме со договорот со Бугарија, Додаде Димитров, може да се види дека македонското општество не се плаши да затвора тешки прашања и да им гледа директно в очи на проблемите.

– Ние ќе направиме се што можеме, мене како министер за надворешни работи ми е задача да бидам оптимист дури и тогаш кога сакам повеќе аргументи од оние што денес ги има, меѓутоа ситуацијата и чувството кај мене прво како граѓанин, а потоа како одговорен, односно меѓу одговорните за ова прашање се менува практично дневно, истакна Димитров.

Неговиот полски колега Чапутович се надева дека разговорите меѓу Македонија и Грција, ќе завршат успешно.

– Забележуваме големи гестови од македонска страна, на пример како промената на името на аеродромот, како и подготвеност за дискутирање за прашањето поврзано со името на земјата. Од друга страна забележуваме и очекување на македонската страна да се обрне внимание на одредени прашања поврзани со идентитетот. Ќе видиме како ќе се одвиваат овие разговори, но, сакам да кажам дека одредени очекувања на македонската страна се поврзани со зачувување на државниот идентитет, а тоа е многу важно и треба да биде земено предвид, рече Чапутович.

Шефот на македонската дипломатија дипломатијата не прецизираше кога ќе дојде во Македонија неговиот грчки колега Никос Коѕијас кој треба да ја донесе грчката нацрт спогодба за решавање на спорот.

– Во тек е усогласување меѓу нашето Министерство, тоа на Грција и Канцеларијата на медијаторот Метју Нимиц, во контекст на неколку датуми и следни чекори. Штом тоа се затвори, јас очекувам тоа да биде кон крајот на неделава, синхронизирано, истовремено ќе биде запознаена јавноста и кај нас и кај нив точно за тоа кога претстои таа посета, кој ќе биде следен чекор…, рече Димитров.

Додаде дека иако јавноста има потреба да биде запознаена со текот на преговорите, не е добро јавно да се пласираат сите информации.

– Мислам дека колку сме поексплицитни во јавност, толку потешко ќе најдеме заеднички јазик на масата каде што разговараме. И јас постојано ги упатувам тие апели не само кон нас, туку и кон другата страна дека главната концентрација и енергија сепак треба да се инвестира во тој процес бидејќи ако повторуваме позиции јавно тие стануваат црвени линии, а со црвени линии не се оди на состанок со другата страна, рече Димитров.

Прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој утре доаѓа во Македонија, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

– Мислам дека секако состанокот ќе тргне со тоа прашање. Тоа ќе биде убава прилика да го запознаеме со динамиката во процесот за надминување на разликата околу името, рече Димитров.