Почнуваат Денови на Универзитетот „Гоце Делчев“

Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип од утре почнува со манифестацијата „Денови на УГД“ по повод патрониот празник, кој секоја година се одржува на 27 март. Проректорот на УГД-Штип, Кирил Барбареев на денешната прес-конференција најави дека во рамките на одбележувањето се очекува да присуствува и министерката за образование Рената Дескоска, а во рамките на новиот концепт наречен „Наука за животот“ со студентите разговори и размена на ставови ќе имаат Влатко Стефановски, Никола Ристановски и Тони Китановски, а ден претходно ќе се промовира издавачката дејност на универзитетот и донацијата во книги од Тодор Кралев.

– Утре, 13 март Универзитетот организира голем Отворен ден на Еразмус плус програмата, на кој што се поканети да присуствуваат и заинтересирани средношколци, бидејќи универзитетот оваа година добива 60 слободни места на Еразмус програмата. Шеесет слободни места значи дека 60 студенти ќе имаат можност да заминат три месеци надвор од својот факултет и да студираат и да се среќаваат со свои колеги од европските универзитети и за таа намена Ерзмус програмата ќе донира 600.000 евра за оваа потреба на студентите, рече Барбареев.

Тој истакна дека секој од факултетите има програма, студентите на Музичката академија ќе имаат настапи во наредните 30 дена, од 23 март почнуваат спортските игри во кои ќе учествуваат студентите во различни спортски дисциплини од сите универзитети, а гости ќе имаат и од Софискиот универзитет. Барбареев вели дека на 21 март традиционално ќе се одржат и ораторските вечери за студентите од Правниот факултет, а Факултеот за информатика ќе организира Хакатон.

– На 23 и 24 март. Конкурсот веќе е објавен и се пријавуваат средношколци и студенти од сите универзитети во Македонија. Првата награда ќе биде 50.000 денари за најдоброто решение и веќе е даден концептот дека решенијата треба да бидат во насока на здравтството и медицината, рече Барбареев.

Тој истакна дека Факултетот за образовни науки во рамките на „Денови на УГД“ вторпат ќе го организира настанот „Учителите го менуваат светот“. Настанот ќе се одржи на 13 април на кој што средношколци и студенти од Педагошките факултети и Факултетите за образовни науки ќе дебатираат во која насока треба да се подобри стандардот на учителската професија. Во Програмата на „Денови на УГД“ влегува и Неделата на францускиот филм, што ќе почне од 30 март.

Барбаррев вели дека универзитетот „Гоце Делчев“ прави напори и „Шер Фестивалот“ да се одржи во Штип, во кој учествуваат над 10 врвни академии од Европа, а ќе се организираат работилници и настапи на модерен танц на над 150 врвни европски танчери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *