На ГП „Деве Баир“ не бил евидентиран излезот на автобусот од несреќата, мерки за двајца цариници и раководител

Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници, соопшти вечерва Царинската управа.

За досега утврдените неправилности во постапувањето, информираат дека за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање.

Во несреќата на автобусот на „Беса транс“ што изгоре на автопатот „Струма“ во Бугарија загинаа 45 македонски патници, а седум беа повредени. Секторот за професионална одговорност на Царинска управа од изутрината на ГП  „Деве Баир“ вршеше детална контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез од државава на автобусот.

-Во врска со информациите изнесени во јавноста во однос на надлежностите на Царинската управа на Република Северна Македонија при контрола на влез и излез на возила и превозници кои вршат меѓународен слободен превоз на патници, како и за постапувањето по конкретниот случај, ве информираме за следното: Согласно член 49 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај,  во зависност од видот на превозот, превозникот мора да има: извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби, стои во соопштението од Царинската управа.

Врз основа на овие приложени документи, како што се наведува, Царинската управа електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на Република Северна Македонија, во зависност од релацијата на превозот.

-За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе  преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува. Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници елелектронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници. За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање, информира Царинската управа.

Министерството за транспорт и врски, пак, претходно соопшти дека на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се забранува вршење на дејноста.

За автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, не е издаден извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници. Возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци поради што на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејност, информираа од Министерството за транспорт и врски.