Пендаровски-Руте: Деблокадата на евроинтеграцијата е веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширување на ЕУ

Перспективите на Северна Македонија во однос на евроинтегративниот процес, актуелните случувања во земјава и регионот и билатералната соработка со Холандија биле во фокусот на разговорот што попладнево го имаше претседателот Стево Пендаровски со холандскиот премиер Марк Руте.

На работната вечера што била приредена во чест на холандскиот премиер, Пендаровски изразил задоволство од интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, посочувајќи дека Холандија е важен партнер и докажан поддржувач на напорите за интеграција на земјава во ЕУ.

Пендаровски, соопшти неговиот кабинет, се заблагодарил за принципиелната поддршка од страна на Холандија за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија, потенцирајќи дека Северна Македонија е посветена на реформската агенда и добрососедските односи во насока на неодложен почеток на преговорите со ЕУ.

– Веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширувањето се претстојните совети на Европската Унија во декември и можноста Северна Македонија да направи исчекор на патот кон ЕУ. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и просперитот на целиот регион и дополнителен поттик на реформските процеси, нагласил Пендаровски.

Пендаровски изразил очекување дека холандската Влада ќе продолжи да придонесува во зајакнувањето на Северна Македонија како силна европска демократија, со слободно општество и слободна пазарна економија. Во таа насока, било истaкнато значењето на Декларацијата за партнерство и соработка потпишана меѓу двете земји, како основа за продлабочување на билатералните врски и натамошно континуирано и посветено спроведување на европските стандарди.

Претходно, холандскиот премиер оствари средба и со премиерот Зоран Заев, а на скопскиот аеродром беше пречекан од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров. Руте прв холандски премиер кој престојува во официјална посета на земјава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *