„Види ја ти неа“ влезе во официјалната програма на фестивалот „Санденс“

 Kратометражниот игран филм „Види ја ти неа“, на режисерот Горан Столевски, кој ја освои Наградата „Мала Камера 300“ на годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, влезе во официјалната селекција на краток филм на 34. Филмски Фестивал во Санденс.

Фестивалот ќе се одржи од 18. до 28. јануари 2018 година во Парк Сити, Јута, САД, а е во организација на Санденс институтот, основан од актерот Роберт Редфорд. 

Во Интернационалниот натпревар за краток филм, ќе бидат прикажани 17 филмови од целиот свет, меѓу кои и „Види ја ти неа.“

„Види ја ти неа„ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Горан Столевски е млад режисер роден во Македонија, а има дипломирано на Универзитетот во Мелбурн а дипломирал филмска и телевизиска режија  на Викторијанскиот колеџ за уметности во Мелбурн. Живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. 

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Пируника Киселички, Жарко Јовановиќ, Антонија Белазелкоска, Иво Антов, Виктор Арсов, Игор Ангелов, Симон Манасковски, Изабела Новотни, Милица Стојанова и Горан Илиќ.

Горан Столевски се потпишува и како сценарист на филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се  Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот е во продукција на Црна мачка продукција, копродукција со Скопје Филм Студио, а финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *