Оставките на Заев одложени до нормализирање на процесите во државата

Извршниот и Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата Зоран Заев да ги одложи оставките се додека не се нормализираат процесите во државата.

– Во демократска дискусија во која што членовите на ЦО имајќи ги предвид пред се случувањата во државата и моментумот во којшто се наоѓа Северна Македонија во овој период, којшто е многу клучен за процесите коишто понатаму треба да следуваат, едногласно донесе одлука претседателот и премиерот да ја одложи оставката на одредено време додека овие процеси не се нормализираат, изјави претседавачот на ЦО на СДСМ, Перо Костадинов по вечерашните седниците на двете тела.

Според Костадинов, одлагањето на оставките ќе биде додека состојбите во државата го бараат тоа.

– Не треба да потенцирам дека државата после многу години режим продолжува и се гради на европските вредности, на вистинските демократски и слободарски вредности. Ова е слободна во која што принципите на единството, принципите на соживотот се клучна наша водилка и затоа СДСМ се исправува на висина на таа задача и наредниот период ќе работи во интересите на граѓаните и на можноста која е исправена пред нас државата да западне во нова криза и да биде ставена во некој ретроградни процеси. Генералната одлука која што е донесена е дека моментумот пред којашто е исправена Македонија е многу значаен и сите ние треба да бидеме на висината на задачата, бидејќи голема е цената, потенцира Костадинов.

Тој изрази надеж дека сите, а пред се политичарите и функционерите, ќе го запазат демократскиот курс по којшто е тргната земјата и дека сите заедно „ќе продолжиме на патиштата коишто значат прогрес пред се движење по европските патишта“.

Пред почетокот на седниците на Извршниот и Централниот одбор, вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, изјави дека партијата треба да се подготви за четврток, затоа што пред нас се големи предизвици, и општествени и економски, за коишто ќе разгледаат кое е најдоброто решение.

Во врска со најавената оставка на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, Битиќи истакна дека таквиот потег го смета за демократски чин.

– Мора да се навикнеме на такви демократски чинови, но тоа не значи дека премиерот Заев не ни треба. Сметам дека во овој момент тој му е потребен на општеството и му треба на владеењето во државата и понатаму. Така што не знам дали денеска на дневен ред ќе расправаме за неговата оставка, но сметам дека има побитни теми. Енергетската криза, економската криза, пандемијата која што очигледно има нов бран и секако севкупниот предизвик во којшто државата се наоѓа, додаде Битиќи.

Претходно, СДСМ преку партиско соопштение порача дека четврток е денот кога ќе се види дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да собере доволно пратеници за изгласување недоверба на Владата или пак на површина ќе исплива уште еден блеф на лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски.

– Дали молкот е доказ за стравот на Мицкоски од нов дебакл, дали во меѓувреме му испари долго најавуваното мнозинство?, праша СДСМ,

Партијата најави дека продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да обезбеди стабилна иднина на државата и целиот народ.

Заедно, демократските, проевропски партии нема да дозволиме само заради пуста желба за власт, Мицкоски, Апасиев и Груевски државата да ја носат удолу, а народот да страда како во оние 11 години на режимот. Нема да дозволиме ниту загрозување на се она што досега е постигнато, на Договорот од Преспа, на Охридскиот рамковен договор, на Договорот за доброседство со Бугарија, на заедничкото едно и еднакво општество. Огромното мнозинство наши граѓани но и пратеници, застануваат зад заедничката кауза, граѓанска и државничка, наведе СДСМ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ се обидува со поткупи, уцени и закани да остане на власт.

– Се повторуваат сценаријата со притисоци врз пратеници, овој пат потпишани на иницијативата за изгласување недоверба на актуелната влада. Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди.

На ваквите тврдење СДСМ одговори дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да најде алиби во наводни закани кон пратеници, откако „станува јасно дека на Христијан Мицкоски му испарува мнозинството во Собранието“. – Пратеници од опозицијата самите признаваат дека потписите за Иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами, наведе СДСМ.

Пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи во понеделникот изјави дека бил „прелажан“ да се потпише на иницијативата за ново парламентарно мнозинство, нагласувајќи дека не сака да учествува во уривањето на Владата заедно со пратеници од Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти Алтернатива, доколку партијата заедно со Левица учествува во уривањето на Владата.

По ова, вчера преку Фејсбук се огласи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој му го предложи на Реџепи да се потпише на нова иницијатива за гласање недоверба на Владата заедно со уште 19 пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

– Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ, напиша Мицевски на Фејсбук.

Реџепи синоќа возврати начелно го прифаќа предизвикот на Мицевски, но најави дека претседателството на Алтернатива денеска ќе го донесе конечниот став по иницијативата за гласање недоверба на Владата.

Собранискиот претседател Талат Џафери синоќа изјави дека доколку не и се изгласа недоверба на Влада, во наредните 90 дена не може да има повторно гласање за ова прашање.

– Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена, рече Џафери гостувајќи во емисијата Клик Плус на ТВ21.

Процедурата, како што посочи, е отпочната и појасни дека ако сега се повлече барањето за гласање на недоверба на Влада, нема право за повторно барање за гласање недоверба во наредните 90 дена. Седницата за гласање на доверба на Влада е закажана за в четврток во 11 часот.

Според Џафери премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев направил добро што не се повлече од функциите.

– Не треба да се води од моментални емоции. Треба да се координира и да продолжи да ги води институциите. Не треба да носи емотивни одлуки, има одговорност да ја води Владата, Институциите треба да функционираат нормално. Ова е враќање назад. Правиме еден чекор напред, два назад, рече Џафери.  

Поранешниот амбасадор на Грција во Скопје, Александрос Маљас оцени дека одговорност за актуелната ситуација во земјава имаат и „конкретни држави од Европската Унија“, поради неуспехот да се даде зелено светло за пристапни преговори.

– Се наоѓаме во фаза, која би рекол дека беше предвидлива, по неуспехот на некои земји членки на Европската унија да „дадат зелено светло“ за пристапните преговори, кои беа еден од многу силните мотиви за потпишување на Договорот од Преспа и секако за ратификацијата од Собранието во Скопје. Дозволете ми да кажам дека постои одговорност на конкретни држави од Европската Унија, рече Маљас за грчката телевизија „Скај“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *