ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН
Книгата „Печалбарски копнеж“е дело на „Матица македонска“ од Скопје, отпечатено во 1993 година на 156 страници на македонски јазик, чиј рецензенти се проф. Д-р Томе Саздов и Фиданка Танаскова, автор е Славе Николовски – Катин на своите страници опфаќа вкупно 44 новинарски и публицистички текстови за нашите сонародници – македонски иселеници во Канада и во Соединетите Американски Држави.
Инаку, во публицистички текстови за македонските иселеници во Америка и Канада, Катин раскажува за своите средби и разговори со нив во македонските православни цркви, клубови и друштва, во овие две големи држави на Американскиот континент. Пред нас дефилираат најразлични човекови судбини на повеќе генерации македонски иселеници, чии заеднички одлики, како своевидни мотиви во овие раскажувања, се носталгијата кон родниот крај, врските со старата татковина и стремежите за зачувување на нивниот национален и културен интегритет“,
Всушност, преку овие свои написи авторот раскажува за своите бројни средби со Македонците во тие две огромни прекуокеански земји. Тие чести средби се резултат на неговите патувања и престои по разни поводи и во подолг временски период, но поголемиот број од овие текстови ги одразуваат најсвежите, неодамнешни контакти, средби и разделби на авторот со македонските иселеници присутни во македонските православни цркви, друштва и друг вид асоцијации во најразлични региони на американските и канадските простори.
За публикацијата „Печалбарски копнеж“ проф. д-р Томе Саздов, претседател на Матицата на иселениците од Македонија е напише:
„Сите застапени текстови, земени заедно, може да се третираат и како една богата, автентична и значајна своевремена хроника на македонското иселеничко живеење во дијаспората, во случајов во Канада и САД. По неодамнешната појава на книгата „Во Австралија како дома“ во издание, исто така, на „Матица Македонска“, авторот Славе Николовски – Катин, со овој свој нов ракопис, всушност, ги заокружува своите репортерски записи и кажувања за печалбарите, а денес и видни граѓани во земјите каде што живеат и работат во попријатни околности, но со ненамалена желба и копнеж почесто да се најдат во прегратките на првата Татковина и дедовска земја – Македонија“, истакнува д-р Томе Саздов во својот предговор кон ова дело..
Со оглед дека публикацијата „Печалбарски копнеж“ се појавува само две години по осамостојувањето на Македонија, како суверена и независна држава, во неа посебен акцент е даден на заложбите на македонските иселеници за брза консолидација и успешна трансформација на земјата во демократска држава и нејзината ориентација за вклучување во евроатлантските структури. Во овој историски момент, заедничка и единствена благородна цел на сите Македонци, е развојот на Република Македонија како матица на сите свои чеда, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат и на кои меридијани тие живеат.
Од тие причини, ова дело на Катин е богата, автентична и значајна современа хроника на македонското иселеничко двичење во дијаспората, во случајов во САД и Канада. Всушност, по книгата „Во Австралија како дома“, со овој свој нов ракопис, Катин ги заокружува своите репортерски записи и кажувања за бројните македонски иселеници.
На Илинденските средби во ЉУбојно во 2000 година беа промовирани книгите: „Печалбарски копнеж“, „Македонски иселенички паноптикум“ и монографијата за најголемиот донатор од иселеништвото „Атанас Близнаков“ чиј автор е Славе Николовски – Катин. Пред присутните, на „Полена“ за трите книги и за творештвото на Катин зборуваа проф. д-р Томе Саздов, д-р Петре Лубаровски и Бошко Рајчовски – Пелистерски.
Промоциите на „Полена“ беа со одушевување прифатени од присутните, па како да ги отворија широко вратите „Љубанските илинденски иселенички средби“ да добијат плус една културна димензија која продолжува да се негува сите овие години.
Печалбарсвото на Славе Катин е поврзано со неговото печалбарско Љубојно во Преспа. Тоа е типично македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер, многумина заминале и се задомиле во многу земји од светот, но тие доаѓаат во родно место,особено за Илинден. Затоа и останала поговорката „Ојш кај ќе ојш, во Љубојно за Илинден дома да си дојш“.
Ако долнопреспанци со пушка во рака биле учесници во двата Илиндена за слобода на Македонија, денес тие со продолжувањето на македонските традиции и духовно-националното живот, со обичаите и со културните настани ги зацврстуваат корените на Македонија, на македонскиот народ во Преспа и насекаде во светот – средбите и Македонија да бидат вечни.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН