Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија), која во тоа време била надвор од ѕидините на градот. Десно од влезот, се наоѓа каменот кој е издлабен од ударите на Крстот или Исусовата дланка, кога исцрпен се потпрел на ѕидот. Тука Симон од Киринеја му помага на Исус да го носи Крстот.
Шестата станица е малата капела, изградена 1865 година, полукружно заоблена, е посветена на Св. Вероника која со крпа го бришела Исусовото лице, а Неговиот лик останува на крпата. Однапред е изграден столб со црвеникав камен со нејзиното име, а во внатрешноста икона со Христовиот лик на пешкир.
Седма станица-Исус по втор пат паѓа под Крстот, под столбот на крајот од градот.
Осма станица„… не плачете, ќерки на Ерусалим! Не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца! Ќе дојдат денови кога ќе бидат среќни само оние што не раѓале деца… Вие ќе ги молите планините: „Урнете се врз нас!“ и ридовите:„Скријте не!“ Овие зборови на Христа се упатени на девојките и жените кои плачејќи го следеле.
На ѕидот на црквата, издлабен е Латински Крст, посветен на Св. Аралампије, со значение дека Исус секогаш победува и им носи среќа на девојките.
Деветта станица- Се провлекувам низ тесни улици, полека се качувам и доаѓам до широко плато. Оваа деветта станица каде Исус паѓа по трет пат е обележана на столб на градските ѕидини покрај Коптската Црква, која е посветена на Кралицата Елена и се наоѓа во близина на Црквата на Светиот Гроб.
Во неа се наоѓа огромна пештера со вода во природен камен, која кралицата Елена ја користела за пиење и за изградба на храмот во IV век.
Влегувам на главниот влез на Црквата Светиот Гроб каде се наоѓаат последните 5 станици и се качувам по скалите на Голготата.
Десeттата станица се наоѓа на само неколку метри од влезот на Црквата Светиот Гроб, со доградена Латинска капела, покрај чиј влез стои Крст. На ова место, на Исус му е тргната наметката и му е понудена смирна за олеснување на болките-која ја одбил.
Единаесеттата станица е огромен мозаик, каде Исус го заковале на Крстот, со Неговата Мајка над Него обвиткана во црнина. Во подножјето на Крстот, на колена е Марија Магдалена.
Потресен мозаички запис стои над чесната трпеза со преубави свеќници.
Безброј кандила и преубави свеќници го осветлуваат ова свето место.
Дванаесеттата станица е самиот расплет на Калварија. Од десна страна се наоѓа каменот на Голготата, под стакло, распукан од земјотресот, помрачување на Сонцето, удирање на гром, веднаш по смртта на Исус.
Под Голгота се гледа таа пукнатина и местото каде бил гробот на првиот човек, Адам. Крвта на Христа се слеала низ таа пукнатина и со тоа го исчистила првобитниот грев.
Олтарот е прилично низок, треба да се наведне, да се клекне, за да се пријде до дискот во чија средина се наоѓа дупка, каде бил забиен Крстот. Трагедијата и историјата се зачувани во дискот кој е ограничен со злато на чија површина релјефно е прикажано Христовото страдање. Приоѓам до дискот го милувам, и низ солзи го бакнувам.
Пред олтарот, на мермерен под се наоѓа голема дванаесеткрака бела ѕвезда на црна подлога, заокружена со бел круг, која е симбол на местото на кое Исус е симнат од Крстот.
Тринаесеттата станица- Слегувајќи низ скалите на Голгота, доаѓам повторно на местото кое се наоѓа веднаш до влезот, право пред мене е тринаесеттата станицаили плочата на миропомазанието, односно местото на кое Исус лежел на камен, каде после симнувањето од Крстот Го завиткале во платно и го миропомазале. Од црвеникавиот мермер и ден денес се чувствува мирисот на мирото. Во позадината на плочата, на ѕидот, се наоѓа огромен мозаик на Христовото страдање.
Наредна среда: Четиринаесеттата станица на Христовото страдање, е посебна црква во која се наоѓа Христовиот Гроб