Расправа во Конгресот на локални и регионални власти на СЕ за спроведувањето на Европската повелба за локална автономија во земјава

Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа денеска ќе расправа по Извештајот за спроведувањето на Европската повелба за локална автономија од страна на Северна Македонија, јави дописникот на МИА.

Во рамки на расправата по Извештајот, изработен од членовите на Конгресот, Харалад Бергман и Зденек Броз, ќе се обрати и заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димовски, по што ќе следува дебата и гласање.

Бидејќи расправата се одржува во пресрет на вториот круг на локалните избори во земјава, во Стразбур не присуствува ниту еден член на македонската делегација при Конгресот на локални и регионални власти. Сепак тие имаат можност да се вклучат преку видео врска на сесијата во Стразбур, која се одвива хибридно – со физичко присуство и онлајн.

Извештајот посветен на начинот на кој се спроведува Европската повелба за локална автономија од страна на Северна Македонија, следи по четвртата посета на земјава од 2018 година.

Земјата ја ратификуваше Европската повелба за локална самоуправа во 1997 година. При набљудувањето е забележана позитивна клима во однос на реформата за понатамошна децентрализација на земјата.

Извештајот ја поздравува важноста што ја дава Владата на нејзината развојна стратегија, за што сведочи усвојувањето на нова програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026. Исто така, се потенцира дека од претходната препорака во 2012 година е потпишан и ратификуван Дополнителниот протокол на Европската повелба за локална самоуправа.

Во документот се изразува и загриженост за „недостигот на јасност во законот и практика во врска со распределбата на надлежностите, што доведува до преклопување на надлежностите“.

Конгресот оценува дека локалните власти немаат доволно финансиски средства за остварување на нивните задачи и дека општините и натаму во голема мера се зависни од владините трансфери од централно на локално ниво.

Во  препораката за која ќе се гласа утре, се повикуваат властите на Северна Македонија да ја разјаснат распределбата на надлежностите и да се делегираат повеќе овластувања на локалната самоуправа, како дел од процесот на децентрализација.

– За таа цел, националните власти мора да обезбедат соодветно и пропорционално финансирање за да им се овозможи на општините да ги извршуваат новите задачи предвидени со закон, смета Конгресот.

Во препораката, понатаму  се сугерира Владата да го зголеми уделот на општините во приходите на локалниот буџет и да се воведе поширок систем на изедначување на нивните приходи.

На крај, националните власти се охрабруваат да ја зголемат дигитализацијата, да спроведуваат програми на градење капацитети на локално ниво и дополнително консолидирање на антикорупциските мерки.