Три дена кампања до гласањето за вториот круг од локалните избори

На три дена до крај на кампањата за вториот круг од Локалните избори се засилуваат активностите и средбите со граѓани на кандидатите на изборите, но не изостануваат и меѓусебните обвинувања на опонентите. Кандидатите ја презентираат програмата пред граѓаните со ветувања за подобар живот во општините, но во исто време и вчера не изостанаа меѓусебните обвинувања за притисок врз гласачите.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев синоќа од Куманово повторно повика на обединување, како што рече, кумановци обединети да го сочуваат социјалдемократскиот дух, прогресивноста и напредокот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, на митингот од скопската населба Лисиче, порача дека победата е на дофат и оти недостасува само уште еден голем исчекор на 31 октомври.

Претседателот на СДСМ, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не го скршил ниту бастионот, ниту прогресивноста на Куманово изминативе 30 години и нагласи дека Куманово тоа нема да го дозволи.
Заев рече дека Владата како никогаш претходно вложувала во Куманово, 120 милиони евра во патишта, реконструкција на спортски објекти, индустриска зона, водовод, канализација, вратени се долгови на општината.
– Куманово е важен фактор во државата, никогаш порано тоа го немало, рече Заев. Тој го обвини Димитриевски за договори за вработувања на членови на ВМРО-ДПМНЕ во градинки, училишта, администрација. Заев ги повика кумановци да бидат обединети за да го сочуваат социјалдемократскиот дух на Куманово, сплотеноста, концептот – Едно општество за сите, да чекорат напред.
Осврнувајќи се на опозицијата, Заев рече дека има голема разлика меѓу нив и противниците и порача дека со СДСМ граѓаните знаат на што се, нема измачувања на фирми, зголемена е социјалната помош, растат платите кај сите минималната пораснала од 9.000 на 15.200, а до крајот на годината на 18.000 денари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Мицкоски, истакна дека денот, кога гласот на народот е најсилен и луѓето со својата волја зад параванот имаат моќ да ги менуваат работите и, како што рече, ништо не е невозможно, победата е на дофат а излезноста е клучот.

Оваа власт, нагласи Мицкоски ја чека пораз и ги повика граѓаните да покажат дека промените се можни.

– Не заборавајте дека зад параванот сте сами, вие и вашето неприкосновено право на глас. Излезете и гласајте за новата иднина, која ќе донесе подобри времиња за сите нас заедно, изјави Мицкоски.

Во очите на народот, нагласи Мицкоски, гледа крик дека е доста од поделби, тешки времиња, криминали кои што не се казнуваат, од арогантни политичари и од тоа да не се вреднуваат желбите и потребите на луѓето.

– Тоа е гласот на тивкото мнозинство, кое има став за работите. Кое излегува да гласа за промени, на кое му е преку глава од она што денеска го имаме во реалноста, изјави Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник на општина Гостивар од редовите на ДУИ, Невзат Бејта на предизборен собир со жителите на населбата Дутлок ја претстави програмата во која се предвидени неколку покрупни зафати. Бејта најави дека за еден мандат ќе биде изграден нов, четврт мост на реката Вардар, реконструкција и современо уредување на големиот парк и нов терен за мали спортови.

Тој својата кандидатура пред граѓаните ја образложи со зборовите дека го сака Гостивар и дека знае што му треба на градот и како тоа да се направи.

Двајцата противкандидати за Скопје, Петре Шилегов и Данела Арсовска со ветувања за подобар живот за Скопјани, но и со меѓусебни обвинувања.

Сите проекти што ги нудиме во програмата се прецизно пресметани и се во рамки на буџетските можности што ги има Град Скопје, изјави синоќа актуелниот и кандидат на СДСМ за градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов.

Во целиов концепт, истакна Шилегов битни се скопјани. – Начинот на кој функционираше Градот изминативе четири години е да ги ставиме луѓето пред политиката. Идејата е скопјани да ги прашуваме за секое битно прашање. Јас сум човек кој е спремен да се развласти себе си и Советот и да ги прашаме граѓаните, рече тој.

Арсовска, пак, им порача на скопјани дека времето на ветувања без реализација е завршено и дека, како што рече, време е вистински луѓе кои се грижат за својот град, да добијат шанса, да покажат дека Скопје може да биде убаво место за живеење како што заслужува секој еден граѓанин.

– Доаѓа големата победа, скопјани ќе изберат човек кој ќе ги застапува сите за поубав живот, за модерно европско Скопје во кое сите ќе бидеме среќни и горди, изјави независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, на синоќешниот собир во Лисиче.

В недела на локалните избори повторување на гласањето од првиот круг ќе има на две избирачки места – на 0543 во Дебар за градоначалник и на 2957/1 во Шуто Оризари за членови на советот. Управниот суд го поништи гласањето во овие две избирачки места откако тужби до него за одлуките на ДИК по приговорите поднесоа Алијанса на Албанците и Алтернатива и Движењето „Одлучно за Македонија“ предводено од ДОМ и ЛДП.

За градоначалник на Дебар „се натпреваруваат“ Хекуран Дука од ДУИ, Беким Поцеста од АА и Алтернатива и Петрит Клења од ДПА. Поцеста освои 3.998 гласови, Дука 3713, додека Клења 37 гласови.

Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини, а гласање нема да има во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во согласност со Законот за локална самоуправа ќе се организира повторување на гласањето.

 

418 thoughts on “Три дена кампања до гласањето за вториот круг од локалните избори

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *