Премиерот Заев најави интензивирање на соработката со ЕБОР

Претседателот на Владата  Зоран Заев денеска се сретна со Анка Јоана Јоанеску, директорка на канцеларијата на Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР) за Македонија и Косово и Френклин Стивс, виш советник во рамки на Иницијативата за инвестициска клима и добро унправување (ИЦГИ) што ја спроведува ЕБОР.

– Реформската агенда и поголема реализација на капитални инвестиции се врвни приоритети на Владата на Република Македонија за оваа 2018 година. Ќе ги разгледаме сите можни аспекти и ќе ја интензивираме соработката со ЕБОР во насока на реализација на овие цели, рекол премиерот Заев на средбата со претставниците на ЕБОР, соопшти владината прес-служба.

На средбата биле разменети мислења за новите позитивни трендови по кои економијата во Република Македонија се стабилизира, за идните очекувања на економски план, како и за области на соработка во кои ЕБОР може да придонесе со своја помош и поддршка преку проектите што ги спроведува во земјите од Западен Балкан.

Претставниците на ЕБОР, како што се наведува во соопштението, ги презентираа можностите за соработка со Владата на Република Македонија во рамки на Иницијативата за инвестициска клима и добро управување којашто се однесува на неколку важни аспекти како што се промоција на дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, проекти за зголемување на конкурентноста, проекти кои се однесуваат на инспекцискиот надзор и контрола.

Во однос на реформската агенда што ја спроведува Владата, претставниците на ЕБОР изразија силна поддршка за реализација на реформските процеси, се посочува во соопштението.

На состанокот се разговарало и за реформата во јавната администрација, за зајакнување на капацитетите на општините, за степенот на реализација на капитални инвестиции и нивното значење за забрзување на економскиот раст, како и за мерките на поддршка од Планот за економски раст за кои се очекува да донесат нови инвестиции и раст на продуктивноста и конкурентноста.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *