Директорот на Управата за водење на матичните книги Ѓоко Котевски во отворено писмо за обвинувањата во некои албански портали и медиуми дека отвора услужни канцеларии во општини со доминантно македонско население, а ги запоставува општините со албанско население, наведува дека месни канцеларии на Управата има и во Сарај, Арачиново, Студеничани, Чаир, Сингелиќ, Буковиќ, Радуша и Рашче каде што се водат матичните книги за жителите на овие места, а добар дел од нив се албанско население.
Управта за водење на матичните книги, како што е посочено во писмото, е релативно нова институција која функционира веќе седум години и нејзина надлежност е водењето на матичните книги на родени, венчани и умрени за сите граѓани на Република Македонија, издавање изводи како и останати документи кои произлегуваат од матичната евиденција. Управата функционира на целата територија на државата преку осум подрачни одделенија, 26 подрачни канцеларии и 132 месни канцеларии.
– За оние кои критикуваат, а не се упатени и информирани, треба да се истакне дека на територија на Град Скопје имаме 17 матични подрачја- месни канцеларии кои ги опслужуваат граѓаните на Скопје и околните места. Па да кажеме дека постојат и месни канцеларии во Сарај, Арачиново, Студеничани, Чаир, Сингелиќ, Буковиќ, Радуша, Рашче каде се водат матичните книги за населението на овие места, а добар дел од нив се албанско население. Во општина Чаир од мала и неугледна канцеларија, матичната евиденција сега функционира во две канцеларии и се прават преговори со Општина Чаир салата за венчавки постојано да биде отворена за склучување на бракови во свечена атмосфера, наведува во писмото Котевски.
Додава дека во сите овие матични подрачја граѓаните и порано и сега добиваат изводи од матичната евиденција. А сега и овие места се електронски поврзани со Информатичкиот центар на Управата каде многу брзо може да се добие извод од матичната евиденција, без оглед каде лицата се родени или венчани во Република Македонија.
– Доколку „душегрижниците’’ не се информирани, треба да знаат дека изводи од матичната евиденција може да добија и доколку аплицираат по електронски пат од дома или работно место и најдоцна за 72 часа изводите да ги добијат на домашна адреса преку пошта, истакнува Котевски.
Овие реформи и нови проекти што Управата, како што наведува во писмото, ги реализира во последните четири месеци се однесуват на сите граѓани кои веќе изразија одобрување и задоволство што се реализирани, а со тоа ним им е заштедено времето, парите и чекањето по шалтери.
– Па така, сите оние кои мислат, веруваат и пишуваат дека матичната евиденција може да се дели на ,,ваша” и „наша”, се излажале. Секој подинец и граѓанин е уредно заведен во матичната книга врз основа на која добива изводи со кои остварува свои образовни, здравствени, социјални, општествени права, права од работен однос, користење на банкарски услуги и многу друго, вели Котевски.
За разлика од пред неколку години, посочува Котевски, сега матичната евиденција се базира на електронски систем, уредно се внесуваат податоци и секој граѓанин може да ги добие брзо и ефикасно со цел нормално да функционираат во општеството.
– Ваквите тенденциозни натписи секако дека нема да ја сопрат Управата за водење на матичните книги и натаму да ги реализира планираните проекти за добро на граѓаните и приближувањето на институциите до нив, а не нивно одалечување и затворање, истакнува меѓу другото во писмото директорот на УВМК, Котевски.
Пред неколку дена во Општина Аеродром беше отворена првата Канцеларија за водење матични книги во просториите.