Јовчески: Заедно можеме да придонесеме за развојот на Прилеп

Заедно можеме да придонесеме за развојот на Прилеп, порача денеска кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ Борче Јовчески кој, според резултатите, освои мнозинство гласови на граѓаните и уште во првиот круг е избран за нов градоначалник на Прилеп.

Заблагодарувајќи се за довербата, Јовчески рече дека е запишана нова страница во историјата на Прилеп.

-Ви благодарам што излеговте на избирачките места и го дадовте вашиот глас за мене како кандидат за градоначалник и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Сите заедно денеска запишавме нова страница во историјата на Прилеп. Покажавме дека знаеме и умееме демократски да размислуваме и да го избереме најдоброто за градот, за граѓаните. Ете вака, заедно можеме да придонесеме за развојот на Прилеп, за подобро утре во сите сфери во општественото живеење. За нова иднина, за реализација на проекти за економски, културен, спортски напредок  на мојот, вашиот и наш Прилеп, изјави Јовчески.

Дејан Проданоски, носител на советничката листа и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, рече дека нивната партија освоила 15 советнички места, 10 се на СДСМ и Коалицијата и две советнички места има левица.

-Како што ветивме и во предизборната кампања, советот на општина Прилеп ќе биде храм на демократијата, ќе биде отворен за сите граѓани и согласно сите законски прописи и процедури ќе се формираат сите тела и ќе функционира советот во наредните четири години, рече Проданоски.