Арсовска: Во вториот круг влегувам со голема предност, време е за модерно и современо Скопје

Резултатот од првиот круг од изборите покажува дека е време за модерно Скопје и дека е време да живееме во град со кој сите ќе се гордееме. На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за поубаво Скопје, изјави на денешната прес-конференција независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, и ги повика
сите скопјани да ја поддржат и во вториот круг.

– Водството во овој прв круг од се она што е пресметано од ДИК, е 5.334 гласа за независната кандидатура за мене како градоначалник на Град Скопје и со ова водство, со оваа значителна предност влегувам во вториот круг. Убедена сум дека во Скопје следат навистина убави промени градот да биде модерна метропола каква што скопјани заслужуваат, рече Арсовска.

Таа се заблагодари на сите за поддршката од граѓаните но и на и ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и на сите останати партии, движења, невладини организации, и напомена дека очекува уште поголема поддршка и во вториот круг.

-Денес скопјани ја донесоа големата победа во Скопје за водство во првиот круг. Голема победа која покажува дека знаеме дека во Скопје е време за промени. Им благодарам на сите оние кои ја дадоа својата поддршка и кои го дадоа својот глас за мене и за мојата програма. Благодарам за поддршката воедно меѓутоа најмногу благодарна сум на сите вас – граѓаните на Скопје. Се покажа дека на скопјани им е преку глава од празни ветувања, дека на скопјани им е доста од политичари кои ветуваат а ништо не остваруваат, рече Арсовска.

Таа посочи дека на овие избори најважно беше да се донесат промените за поубаво Скопје. Напомена дека е позитивно изненадена и од неколкуте граѓански иницијативи кои станаа дел од Советот на Градот Скопје и дел од советите на општините во главниот град.

Според неа, настапот и програмите на сите овие кандидати внесоа една свежина во оваа трка и внесоа нова енергија на овие локални избори.

-Нивните програми,нивните приоритети ќе бидат воедно дел и од мојата работа во следните четири години како човек којшто ќе го води градот Скопје. Заедно ќе направиме Скопје да биде модерна метропола и здружени сите заедно со една иста цел ќе успееме да го направиме Скопје подобро место за живеење на сите нас, рече Арсовска.

Таа ги повика сите оние кои не се задоволни од досегашните градски власти да се здружат и да ги поразат. Ги повика да се обединат заедно сите во оваа битка.

Според Арсовска, Скопје се покажа дека не смее да биде предмет на политика, мора да биде град кој ќе се развива токму онака како што ние скопјани тоа го сакаме.

-Видовме што може да направи овој досегашниот градоначалник. Потроши четири години не реализира ниту пет проценти од она кое што го вети во 2017 година. Наместо проекти видовме празни ветувања, видовме спотови и нереални 3Д анимации.. Овие три недели за мене беа навистина интересна трка каде што се покажа дека дури ни црната кампања повеќе не поминува кај скопјани. Заедно покажавме дека имаме сила да се избориме со лагите, со манипулациите и дека е време за вистинските вредности во нашиот главен град. Сега е време за промени, време е за позитивни промени во Скопје, рече независниот кандидат за градоначалник, Арсовска.

Скопје, како што речем, не треба ниту еден ден да живее во нечистотија, во сообраќаен и во урбанистички хаос. Скопје, додаде Арсовска, ќе биде убав град на среќни луѓе.

– Скопје и скопјани покажаа дека сакаат промени и затоа не застануваме тука туку заедно отпочнуваме со нов круг во кој што исто така ќе излеземе победници. Заедно ќе обезбедиме подобра иднина за модерно Скопје, рече Арсовска.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *