Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во Малме, Кралството Шведска, се обрати на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот „REMEMBER – REACT” (Запомни – Реагирај), на сесијата „Зачувување на сведоштва и развој на образование за иднината“.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски потсетил на трагичната судбина на македонските Евреи и на, како што рекол, ѕверствата што се случиле на територијата на денешна Република Северна Македонија во Втората Светска Војна за кои светот треба повеќе да знае.
– 7.144 Евреи беа однесени од територијата на денешна Република Северна Македонија во Треблинка. Сите беа убиени таму. Тоа е 98 отсто од целата еврејска популација што живееше во тој регион, во тој дел на Балканот во тоа време. Говорам за 1943 година, кога сите овие луѓе биле земени од нивните домови. Според некои релевантни историски извори тоа е, за жал, највисокиот процент во Европа на еврејско население што било земено и убиено во концентрационите логори, рекол претседателот Пендаровски, соопштија денеска од неговиот Кабинет.
Шефот на државата потсетил дека во спомен на сите тие луѓе, во 2011 година во Скопје е изграден Меморијален центар на Холокаустот и истакнал дека досега илјадници луѓе го посетиле и се запознале за злосторствата сторени од нацистичка Германија и од нивните тогашни сојузници.
Претседателот Пендаровски на форумот најавил дека нашата држава одлучи да направи уште неколку заложби во блиска иднина.
– Ќе го зголемиме обемот на часовите за Холокаустот и антисемитизмот во завршните одделенија во основното образование и ќе направиме да станат задолжителни, второ – ќе направиме задолжителни посети на Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје од страна на сите деца, ученици од основното и средното образование и третата заложба е дека нашата Влада ја има веќе усвоено работната дефиниција за антициганизмот и дискриминацијата кон Ромите“, потенцирал претседателот Пендаровски во своето обраќање на форумот.