Исчекор во пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ уште за словенечкото претседателство, очекуваат Пендаровски и Сантош Силва

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Малме, на маргините на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот „Запомни – Реагирај“, се сретна со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, со кого разговараa за можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на состаноците на Европската Унија до крајот на оваа година.

Како што соопшти кабинетот на Претседателот, заблагодарувајќи се за досегашната поддршка и конструктивните предлози од Португалија за надминување на блокадата предизвикана од приговорите на Бугарија, претседателот Пендаровски подвлече дека продолжениот застој во процесот на проширување на Европската Унија ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и стабилноста на целиот регион и притоа изрази очекување дека поддршката од Португалија ќе се интензивира во наредниот период.

– Двајцата соговорници на средбата изразија очекување дека уште за време на тековното словенечко претседавање со ЕУ ќе биде направен исчекор во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, се наведува во соопштението.

Во оваа насока, се додава, Пендаровски истакна дека поддршката од Португалија во процесот на нашето пристапување кон Европската Унија, пред се во областа на заштитата на животната средина, реформите во администрацијата и земјоделството е добредојдена.

На средбата претседателот Пендаровски и министерот Силва разговараа и за билатералните односи на двете држави, при што изразија подготвеност за унапредување на севкупните односи, како и развој на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Соговорниците исто така ја истакнаа потребата од зајакнување на соработката во економијата, стои во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *