Поддршка од Норвешка за реформите, политиките на пријателство и чекорите кон ЕУ и НАТО

Актуелни политички и економски прашања беа тема на разговор на денешната средба меѓу премиерот Зоран Заев и амбасадорот на Кралството Норвешка, Арни Бјорнстад кој е во Македонија заедно со делегација на инвеститори од Норвешка.

Како што информираат од владината прес-служба, заеднички е ставот дека перспективите на Република Македонија и на граѓаните се во ЕУ и НАТО и дека во таа насока значајни се реформските процеси што ги води Владата, политиките на пријателство и решавањето на важните прашања за остварување на овие цели.

– Веќе има мотивација кај домашните и кај странските инвеститори за инвестиции во Република Македонија и отворање нови работни места, по отворените можности за придвижувања во овие процеси. Работиме низ инклузивни политики на реформите и на решенија за прашањата од државен и граѓански интерес, рече премиерот Заев.

На средбата се отворени можности за поддршка од Кралството Норвешка во регулацијата и имплементацијата на обврските на Република Македонија со европските стандарди. На состанокот се разговараше и за важноста од политичка стабилност во земјава и во регионот за очекуваниот напредок на државите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *