БЕРОВО – МАКЕДОНСКА ЕКОЛОШКА ОАЗА ДЕЛ I

Прекрасната Малешевија често ја нaрекуваат мала Швајцарија. Питома и мирна исто толку и дарежлива, таа сè уште е неоткриен дел од природата. Берово е мелем за очите и рај за душата, изобилува со недопрена природа која допрва ќе биде откривана и којашто само чека да биде искористена. Оваа македонска општина  почива во пазувите на источниот дел на Република Македонија чие богатство од букови, борови, дабови шуми го одредиле и нејзиното име „Малеш – планина“. 

Да се пишува за минатото и сегашноста за Малешевијата, за Берово, за Русиново, за Македонците од поделена Македонија е одговорна задача, но истовремено причинува големо задоволство. Во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место дел од една историска вистина за настаните и личностите. Затоа, како публицист кој го прокрстарил светот и оставил траги за Македонците во дијаспората.

Во случајот како биограф на бизнисменот Благој Механџински, со големо задоволство се зафатив да пишувам за овој питом и преубав крај од македонската земја. Целта ми е да дадам скромен придонес за Малешевијата, за Русиново, за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот.

Беше прекрасен пролетен ден, наоколу со распослани зелени килими, а низ нив шаренило од опојни миризливи цветови. На начин на кој животот се буди и развива убаво чувство на љубов кон природата. Сонцето, чии бои се прелеваат во далечината на исток од каде започнуваше новиот ден, беше како огромна топка или балон што едвај се движи во просторот. Стигнавме во Малеш  во претпладневните часови, кога глетката беше прекрасна.

Затоа, не случајно се вели дека кој во Македонија ќе дојде, неодминливо во Малеш треба да појде. Фасцинантни се неговите вишни планини, зелените оази, ширно широкото поле, езеро небаре вгнездено во клисурите и чистиот воздух што буди и опива. Пред намерникот како на дланка се отвора парче рајска градина со природните реткости и чудесен спој на вековите – и како историја и како меморија, и како непокор и како традиција и сегашност на мапата на Македонија.

Во живописните предели на Малеш очите повеќе се отвораат од каде било на друго место. Таму, длабоко се чувствува чистиот планински и езерски воздух; тоа е предел што за секој посетител отвора широки хоризонти. Се отвора со сета своја убавина и е на дофат на секој вљубеник во природните реткости. Затоа, со право  се вели дека Малеш е еден од најзначајните предели во Македонија. Тоа е место кое привлекува со чудесна моќ и е дел од историјата, судбината и иднината на Македонија.

1ber1234

Го посетивме прекрасниот хотел „Манастир“, што е во состав на манастирската црква „Свети Архангел и Михаил“ во Берово, каде пиевме беровска ракија од модри сливи и мезевме убаво малешевско сирење и полнети пиперки со кајмак, што може само во овој прекрасен крај да се проба. Тука од прва рака добивме голем број информации за минатото, сегашноста и иднината на Берово.

Од пишаната документација, пак, се запознавме со голем број релевантни податоци. Така дознавме дека општинскиот центар Берово и општинските населби: Будинарци, Владимирово, Двориште, Мачево, Митрашинци, Русиново, Ратево и Смојмирово се сместени претежно на периферијата на Малешевската Котлина. Kлимата се карактеризира како умерено-континентална со одредени карактеристики на планинска клима.

Во Берово се влегува и излегува по два регионални патни правци преку Кочани и Виница што сега продолжува кон градскиот премин Клепало и преку Пехчево, Делчево кон Струмица. Според последниот попис, во Малешевијата живеат 13,941 жител од кои 95,65% се Македонци а останатите се Роми, Турци, Власи и Срби. Во Малеш дамнешни се трагите на цивилизациските врвици и животните артефакти. Постојат голем број археолошки локалитети, меѓу кои, Бреза, Брчвите, Градиште, Јабланица, Ковачилница, Куќата, Попов Рид, Селца, Широк Дол и други.

За тоа како Берово го добило своето име, постојат две верзии. Според првата, тоа го добило своето име по името на некој сточар Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова Ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар. Според втората верзија која е поверојатна името Берово произлегло од тоа што луѓето се  собирале на тоа место. Се береле од старите населби во месноста Туртела, Селца, Рибница, Раздоло, Клепало, Добри Лаки и други, а подоцна и од другите малешевски села.

Берово особено е познато по тоа што во XIX и XX  век било центар на подготовките за Разловечкото и Кресненското востание, на револуционерните борби во источниот регион за ослободување на македонскиот народ, како и на бројни други активности за независност и суверенитет на македонскиот народ. Во тој период се бележи и интензивна активност за описменување и ширење на културата кај населението, со централна улога на манастирот „Свети Архангел Михаил“.

Тука е формирано првото црковно ќелијно училиште, од македонскиот преродбеник Јоаким Крчовски. На овој предел вековно се негувало сè што е духовно, народно и македонско, почнувајќи од првите словенски ќелијни училишта, дејноста на зографите, учителите и свештениците и многу други кои го вградиле својот личен влог за развој на културата.

За да се запознае со Берово, патеписецот или намерникот, треба да го посети Градскиот музеј. Музејот за кој беровци се сентиментално врзани, бидејќи е еден од препознатливите елементи на градот, изграден е на крајот на XIX век,  па до осумдесеттите години на минатиот век имал различна намена, секогаш поврзана со дел од административните функции на градот – бил училиште, суд, библиотека.

За жал, после тоа бил оставен на забот на времето, кој го претворил во непријатна глетка во самиот центар на Берово, опасна зона за пешаците поради елементите кои паѓале и прашање на време било моментот кога зградата ќе се урне. Но, во соработка со невладините организации, најпрвин, се обезбедиле средства за реконструкција преку проектот на Светската банка  „Развој на општините и културата“. Сега објектот ги има сите атрибути што ги заслужува еден музеј.

Историската поставка во Музејот на град Берово се состои од документи и предмети коишто говорат за историјата на малешевскиот народ од времето на Дедо Иљо Малешевски (1805 – 1898), Димитар Поп Георѓиев Беровски (1840 – 1907), Разловечкото востание, развојот на Малешевијата помеѓу двете светски војни и развојот на Малешевијата по Втората светска војна.

Како дел од поставката се и античките и средновековни монети, кои се сведоштво за економскиот развој и трговските односи на Малешевијата. Етнолошката поставка, пак, се состои од реконструкција на малешевска соба, малешевска носија, малешевски накити, грнчарско производство, музички инструменти и реконструкција на малешевска ковачница.

Домот на културата „Димитар Беровски“, пак, е единствената институција од областа на културата и главен двигател на сите културно забавни и други случувања од областа на културно-забавниот живот во Општината Берово. По ослободувањето во 1946 година, за потребите кои се наложувале во Берово бил формиран „Работнички универзитет“ и „Народна библиотека“. Се организирале вечерни школи за описменување на населението, разни курсеви и семинари, се одржувале предавања и трибини за општествено-политичките односи и случувања во земјата.

1ber1235На празникот на св.  Богородица во Берово

Преку „Работничкиот универзитет“ кој го добил името „Моша Пијаде“, дејствувале и фолклорни групи и поединци кои по повод на значајни државни празници настапувале во Берово и населените места во општината, а сосема ретко и надвор во другите градови во Македонија. Подоцна, во состав на Работничкиот универзитет „Моша Пијаде“, било отворено и првото кино во Берово. Кино „Малеш“ како што било именувано, најпрвин, почнало со работа во старата сала Соколана како што била нарекувана пред војната, а тогаш преименувана во сала „Партизан“.

Во 1953  година, со доброволна работа била изградена киносала, која постои и денес, а во која покрај ретките  кинопретстави се одржуваат и концерти, театарски претстави и други слични манифестации. Кон крајот на шеесеттите години било отворено првото јавно гласило во општината „Радио Берово“ кое во составот на Домот работело до крајот на седумдесеттите години, кога се оделило  и продолжило да работи како самостојно правно лице.

Во организација на Општина Берово се одбележува Македонското– Кресненско востание, еден од најсветлите денови за борбениот дух на македонскиот народ. Тоа е востание на македонскиот народ против отоманската власт кренато на 17 октомври  (5 октомври по стар стил) 1878  година, во селото Кресна,  во долината на реката Струма во Пиринска Македонија.

Предводниците на првото организирано востание на територијата на Македонија биле Малешевците Димитар Поп Георгиев Беровски и војводата Дедо Иљо Малешевски. Нивното дело е ’ркулец на македонската национална победа, столб, скривница на сите подвизи на големиот мегдан македонски.

Инаку, во Беровско, покрај  македонските револуционери Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп Георѓиев Беровски се родени: револуционерот Никола Малешевски (1852 – 1935), револуционерот и поет Атанас Раздолов (1872 – 1931), Константин Поп Георгиев, Марија Поп Георгиева, сестра на Дедо Иљо Малешевски и многу други познати и непознати револуционери. Во Берово починал и големиот македонски поет и партизан Ацо Караманов (1927 – 1944).

Продолжува 

1slave 1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *