По пет години од смртта на Есма Реџепова – Теодосиевска и сите дејствија што се случуваат во врска со името и делото на Есма и Стево, во овој текст ќе наведеме факти кои треба да помогнат да се исполни заветот на „Кралицата на ромската песна“, со цел тоа да послужи на идните генерации и на Република Македонија да се почитуваат и паметат успесите и постигнувањата на сите полиња на македонските граѓани.
Илустрираното монографско дело „55 години Есма со нејзината песна “ на авторот Славе Катин, издадена во 2015 година, на 410 стр страници, во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија е на македонски, англиски и ромски јазик. Рецензенти на делото се Васил Тупурковски и Јордан Плевнеш.
Тоа е дело за Есма Реџепова–Теодосиевска која беше најмаркантното музичко име на ромската, македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена. Но, таа беше и жената која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Таа беше жената со божествен глас, почнувајќи од нејзиното прво музичко откривање на 11 март 1957 година, благодарение на ангелскиот глас во период од 55 години, стана светски прифатена, позната и призната како естраден уметник
Есма со оркестарот „Теодосиевски“
Монографското дело со наслов „Есма“ е посветено на македонската музичка легенда и едно од најпознатите естрадни имиња кај нас и во низа земји на повеќе континенти – Есма Реџепова Теодосиевска. Тоа е дело за вистината на блескавата кариера, сублимат на животот, биографско-публицистички времеплов за 55-те години на сцената на оваа доблесна дама, истакнат уметник, потврден хуманист, донатор, и човекољубец. Монографијата е хронопис и веродостоен приказ за угледната музичка ѕвезда и патриот, вљубеник во својата татковина Република Македонија и нејзиниот животен сопатник, истакнатиот музички уметник Стево Теодосиевски.
Есма и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски, светски познатиот армоникаш одржале илјадници хуманитарни концерти за оние на кои им била потребна помош насекаде низ светот. Есма пеела за беспомошните во Индија, Мексико, Србија, Босна, Пакистан, Хрватска, Иран и други земји во светот, но најмногу во Македонија. Таа беше најголем промотор на ромската, особено на македонската музичка приказна насекаде низ светот. Затоа, Есма Реџепова -Теодосиевска не случајно, ја нарекуваат втора Мајка Тереза.
Во рецензијата за монографијата за Есма Резепова -Теодосиевска, заедничкиот пријател Васил Тупурковски, меѓу другото, ќе го нашише следното: „Навистина ми причинува големо задоволство и чест што сум рецензент на многу значајната монографија „Есма“ од Славе Николовски-Катин, автор кој ѝ е познат на македонската и меѓународната културна и научна јавност по бројните публикации, новинарски и научни трудови.
Мојата рецензија, всушност, е прилог кон ова дело посветено на доблесниот естраден уметник, истакнат хуманист и докажан донатор Есма Реџепова-Теодосиевска, која, во исто време е мој голем пријател и соработник. Есма е име, кое е познато, признато, уважено и респектирано на многу полиња и децениски потврдено во музичкиот свет во Република Македонија и во светот.
Оваа значајна и по многу нешта единствена тријазична монографија од овој вид (на македонски, на англиски и на ромски јазик, а има текстови и на српски јазик) претставува осврт за ликот и делото на Есма Реџепова-Теодосиевска. Монографијата претставува сублимат за уметничкиот труд на благородната Ромка, сместен во еден биографско-публицистички времеплов кој е своевидна сага за нејзиното опстојување. Монографијата со сета скромност е лика и прилика за животот и делото на Есма и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски што ќе остане вечно да се сеќаваат генерациите
Вистината за Есма Реџепова–Теодосиевска е една необична, интересна и многу убава приказна, која е облагородена во оваа монографија и со авторовата имагинација, знаење и умеење, претставува убав пример за афирмација на македонската и ромската песна и за Република Македонија“,напиша Васил Тупурковски познат општестевик и културолог.
Во рецензијата за монографијата за Есма Реџепова, пак, нашиот пријател Јордан Плевнеш ќе го напише следното: „Мојата рецензија за делото Монографијата за Есма Реџепова, од авторот Славе Катин, големиот вљубеник во Македонија, македонскиот народ и во македонската дијаспора е истражувач на македонската духовна вертикала во меѓународни рамки, ќе ја започнам со моето обраќање во УНЕСКО, во Париз.
Куќата на Есма и Стево
Имено, кога пред целата интернационална асамблеа, по повод објавувањето на нејзиниот албум во „Хармонија Мунди“, реков дека Есма е, била и ќе биде, музичката митолошка слика на слоевите на уметничката сила на Македонија од антиката па сѐ до денес.
Поради својата оригиналност и музичка виртуозност Есма е нарекувана „Кралица на ромската музика“ во светски рамки. Во 2010 година, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја одликува оваа естрадна уметничка со „Орден за заслуги за Македонија“, за нејзината досегашна посветеност на музиката, како и за хуманите дела и филантропски активности. Исто така, Есма Реџепова-Теодосиевска е првата жена која во 2013 година, ја доби престижната титула „Национален уметник на Република Македонија“. Таа е трет добитник на ова највисоко државно признание, меѓу четворицата, Симон Трпчески, Милчо Манчевски и Борис Трајанов.
Оваа монографија ќе го ретрасира патот на нејзината возбудлива Одисеја и таа може да биде основа за еден документарен филм, по угледот на Вим Вендерс и Буена Виста Социал Клуб. Може да биде основа и за еден мјузикл, кој што би можел да се игра во Њујор, Њу Делхи, Пекинг, Токио, Москва и во сите европски метрополи. Може да биде основа и за театарска претстава, и за опера, бидејќи, сите жанри се слеваат во една митска река што се нарекува Есма Реџепова, таа извира во Макеоднија и се слева во светскиот бескрај на уметничката вечност“, напиша Јордан Плевнеш, Ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА, Амбасадор на Македонија во УНЕСКО и драмски писател.
Со право се вели дека хуманоста и борбата за мир со песна и благородни дела е основна содржина и богатство на животот на Есма. Со порака за мир, Есма со Ансамблот „Теодосиевски“ престојуваше во многуте кризни подрачја во светот, зафатени со војни, природни катастрофи, епидемии, охрабрувајќи ги и духовно помагајќи им на луѓето да ја пребродат кризата.
Домот музел на Есма некогаш и сега
Инаку, македонската естрадна уметничка, Есма Реџепова-Теодосиевска е родена на 8 август 1943 година, во Скопје. Потекнува од сиромашно работничко семејство. Но, потеклото и историјата на нејзиното семејство е интересно, преселничко, составено од повеќе нации, космополитско, во кое царувале трите најважни светски религии: еврејската, муслиманската и православната. За жал, на 11 декември 2016 година, по кратко и тешко боледување на 73 годишна возраст почина „Кралицата на ромската музика“, македонскиот музички амбасадор во светот, Есма Реџепова – Теодосиевска.
Во дел од биографијата на Есма Реџепова -Теодосиевска, меѓу другото е запишано дека таа како естраден уметник одржала илјадници концерти насекаде во светот, околу шестотини композиции се трајно впишани на плочи касети и компакт-дискови, отпеани на 20 јазици; телевизијата – како еден од електронските медиуми и’ има отстапено многу часови; има добиено повеќе од 2.000 благодарници за хумано дело, затоа ја споредуваат со Мајка Тереза.
Таа е носител на златен и сребрен Титов медал за особени придонеси во културата во поранешна Југославија; добила златен медал за „Пејач на милениумот“, доделен во Москва во конкуренција на врвни пејачи од 83 земји; добитник е на наградите „13 Ноември“ и „20 Ноември“, освојувач е на наградата на УНИЦЕФ во Белград и носител на првиот пасош од Детската амбасада во светот; два пати била кандидат за Нобеловата награда за мир зад чија кандидатура се потпишале повеќе од 50 невладини хуманитарни институции од татковината и ширум светот; носител е на титулата „Примадона на европската песна“ и „Кралица на ромската песна во светот“; добитник е на државната награда „Мајка Тереза“; добила „Орден за заслуги на Македонија“ и, исто така, добитник е на титулата „Национален уметник на Македонија“.
Во 2010 година „Кралицата на ромската музика’ и светски признатата естрадна уметница Есма Реџепова прими орден за заслуги од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов за нејзината досегашна работа во музиката, но и за нејзините хумани дела и филантропски активности.По тој повод нејзината скромност ќе рече: „Ова високо признание не го добивам јас, туку го добиваат граѓаните на Македонија, затоа што секогаш сум присутна во нивните домови. Ова не е само признание за мене, туку признание на сите националности кои живеат во Македонија“.
Исто така, во оваа монографија за Есма Реџепова–Теодосиевска е забележано дека таа избра да живее на Кале, покрај Музејот на Гоце Делчев и Музејот на современата уметност. Куќата што таа и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски почнале да ја градат пред повеќе од дваесеттина година служеше и како стан во кој живееше Есма и како Дом на хуманоста „Куќа музеј на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“.
Куќата целосно не е завршена, но таа е распоредена на четири нивоа. Освен дневната соба со трпезарија и кујна, како и спалните соби сместени еден кат погоре, кои претставуваа дом на „Кралицата на ромската песна“, според проектот на професор Димитрие Голубовски, се изградени уште еден голем дневен престој со поглед кон градот, како и изложбен музејски простор на приземјето со адекватни помошни простории.
По смртта на Есма, куќата треба да биде претворена во мавзолеј, а на приземјето ќе бидат изложени урните со пепелта на Стево (каде и сега се наоѓа) и на Есма. Во дворот, пак, ќе има малечок амфитеатар и ќе се уреди паркот на целата локација. Куќата и Музејот се предвидени да бидат заедно во еден објект, затоа што идејата на Есма беше по нејзината смрт луѓето да можат да видат сѐ што било поврзано со неа и со Стево Теодосиевски.
При една средба, за куќата и Музејот Есма ни изјави: „И Стево и јас сакавме луѓето да можат да дојдат и да видат како сме живееле и да разгледаат сѐ што на некој начин било поврзано со мојот и со животот на Стево“, велеше “Кралицата на ромската песна“.
Дел од оркестарот „Теодосиевски“
За Македонија, пак, таа често го повторуваше следното: „Сум се родила тука и тука ќе умрам. Го сакам македонскиот народ, оваа земја. Секогаш со гордост истакнувам од каде сум. По цел свет кажувам дека сум родена во Македонија, во која Ромите најмногу ги зачувале јазикот, традициите и обичаите на својата прататковина Индија. Дека имаме две ромски телевизии, радиостаници, свој застапник во парламентот, ромски градоначалник. Кога со Стево се вративме во Скопје, по триесет години живот во Белград, изгубивме многу пари, ама не жалам. Така одлучивме и никогаш не се покајавме. Дијдивме во Македонија“, велеше Есма.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН