Одбележан јубилејот – 30 години од независноста на државата

Независноста не ни е подарена, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава. Од најдоброто во минатото, создадовме земја со сосема извесна европска иднина. Да ја чуваме татковината за нас и за идните поколенија.

Ова се клучните пораки што ги упатија синоќа претседателот Стево Пендаровски, спикерот Талат Џафери и премиерот Зоран Заев, по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата.

Централната прослава на Денот на независноста – 8 Септември се одржа во центарот на Скопје, а на неа, покрај високите домашни и меѓународни претставници, официјалните гости и медиумите, можност да присуствуваат имаа и акредитирани граѓани кои, согласно КОВИД-препораките, приложија вакцинален сертификат или потврда за прележаност на вирусот.

-Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, беа остаток, беа калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме, рече претседателот на државата Стево Пендаровски кој прв се обрати на одбележувањето.

Пендаровски истакна дека континуитетот, но и концептот на државата е јасно впишан во клучните документи на трите Илиндени: Крушевскиот манифест кој декларира соживот меѓу еднаквите, Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од Св. Прохор Пчински и Декларацијата за сувереност и ја потврдуваат визија на основачите за демократска република, втемелена врз сите меѓународни документи и принципи за човековите права и слободи.

-Уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница. Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сѐ уште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области. Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите, потенцираше Пендаровски.

Тој нагласи и дека во перспектива Северна Македонија ја гледа како земја во која се обезбедени сите услови младите генерации да останат тука, да живеат, да работат и да создаваат иднина.

-Република Северна Македонија треба да ја градиме како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да вложуваме во квалитетно образование што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да инвестираме во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови, порача Пендаровски.

Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, подвлече претседателот на државата, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност.

Премиерот Зоран Заев рече дека славиме еден од најсветите и најсветлите датуми од историјата на нашата земја.

-Свети најсилно овој свет празник. Свети од сите Македонци и Македонки кои ги вградија своите копнежи, своите стремежи, своето знаење и своите животи во создавањето, негувањето и развојот на нашата држава. Силно е осветлен 8 Септември и од сите неброени припадници на сите етнички заедници кои заедно со своите сограѓани, соседи и пријатели, ја споделуваа идејата и определбата за своја, наша, заедничка држава, истакна Заев.

Според него, од најдоброто во минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина. Нема никогаш и да заборавиме – во еден период бевме заробено општество, изолирана држава. Стоевме во место, скарани со демократскиот свет. Денеска сме напредна, отворена земја, пријател со демократскиот свет.

-Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи. Сите ние денеска сме дел од вековно долгата низа граѓани, активисти, основоположници и патриоти кои ги вложија своите ангажмани и животи за каузата и правдата, за создавање на нашата држава. Сите кои придонесоа во изградбата на државата се патриоти и големци, втемелувачи на општествениот систем и на институциите, градители и чувари на демократијата, знаменосци на слободата, творци на мирот и стабилноста, потенцира премиерот.

Токму нам, на сегашните генерации, рече Заев, ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава. Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг, подвлече претседателот на Владата. Денес, додаде, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во видео-обраќањето истакна дека кога граѓаните гласаа за независност на референдумот во 1991 година, гласаа за долг пат, а на тој пат на нашето растење и созревање, но и опстојување како држава, се соочувавме со многу предизвици.

-Тие предизвици не научија дека еднаш добиена држава, не значи и засекогаш гарантирана држава, напротив, значи дека секој нов ден е благослов, и дека секој нов ден е можност и шанса да научиме повеќе за тоа како да живееме заедно, да мислиме исто, да ја чуваме татковината и да делуваме сите заедно и сплотени во иста насока, токму така како што и се очекува од одговорни граѓани, храбри политичари – визионери, кои знаат во секој миг што е најдоброто за иднината и опстојувањето на земјата, потенцираше Џафери.

Тој се задржа на 2001 година како тежок предизвик кој граѓаните на земјата и политичките лидери го надминаа со потпишување на Охридскиот рамковен договор кој оваа година бележи полни 20 години и кој беше основа за трансформација во функционално мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, држава на рамноправни граѓани во која се почитуваат индивидуалните и колективните човекови права, дом еднаков за сите граѓани, без разлика на етничката, верската, родова и каква било друга припадност, позитивен пример за регионот и светот.

-Остварувањето на полноправното членство во воено-политичкиот сојуз на НАТО е огромен успех, којшто воедно значи и безбедност на нашите граѓани и на територијалниот интегритет. Тоа го постигнавме со Преспанскиот договор со кој храбро и мудро го надминавме деценискиот спор и излеговме од анахроните балкански рамки, преобразувајќи се во фактор на стабилност во нашиот симптоматично сензитивен регион. Нашата втора стратешка цел, почнувањето на преговорите за членство во Европската Унија се наоѓа повторно во статична точка за која се надевам дека во периодот што следи ќе има поместување во позитивна смисла и ќе можеме да учествуваме на првата меѓувладина конференција со ЕУ, нагласи Џафери.

Во обраќањето спикерот се задржа и на актуелните предизвици како КОВИД-пандемијата

-Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Да градиме општество во кое сите ние, сега и во иднина ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата, едноставно, ќе се чувствуваме свои на своето, затоа што сите заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во држава во која почитувањето на човековите права и слободи е природно и универзално право без преседан. Заедно ќе се радуваме и ќе плачеме за сите победи и порази, за сите блескави и не толку блескави моменти, затоа што тоа е да бидеш едно, тоа е да бидеш заедно, порача Џафери.

Централното чествување почна во 17:30 часот со изведба на симфонијата „Убави денови” од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на овој значаен јубилеј. Симфонијата ја изведе Филхармонијата под диригентство на Бисера Чадловска. Потоа следуваше свеченото дефиле на здравствени работници, спортисти, пожарникари, припадници на полицијата и армијата, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, национални ансамбли и културно-уметнички друштва.

Официјалниот дел беше означен со интонирање на државната химна по што Филхармонијата ја изведе Бетовеновата „Ода на радоста“. Настапи и Влатко Стефановски со изведбата на антологиската песна „Абер дојде Донке“.

Откако завршија обраќањата на Пендаровски, Џафери и Заев, програмата продолжи со сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија. Потоа следуваше аудиовизуелен перформанс врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“. На крај беа изведени антологиски забавни песни од познати естрадни уметници. Церемонијата заврши со свечен огномет.

Централното одбележување се пренесуваше директно на МРТ, како и на владиниот јутјуб канал.

Претпладнето, претседателот Пендаровски со орден „8 Септември“ ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година. Во обраќањето по овој повод, Пендаровски порача дека политичките елити во земјата треба одново да постигнат единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *