Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од 7 до 9 септември учествува на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти и Првиот парламентарен самит за борба против тероризмот во Виена, Австрија.
Петтата светска конференција на претседатели на парламенти, е во организација на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и Австрискиот парламент, а во соработка со Обединетите нации и на неа се очекува присуство на повеќе од 110 претседатели на парламенти од целиот свет.
Џафери, како што соопштуваат од собраниската прес-служба, денеска ќе приреди свечен прием по повод националниот празник 8 Септември и одбележувањето на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на нашата земја.
– Глобалниот парламентарен самит за борба против тероризмот на 9 септември 2021 година е прв настан од овој тип, што заеднички го организиризаат ИПУ и Обединетите нации, на тема: „Парламентарците на стратешки фронт за превенција, зацврстување на мирот и градење подобра иднина за жртвите на тероризмот“. Се очекува учесниците на Самитот да идентификуваат трајни решенија и да дадат парламентарен придонес во глобалните напори во борбата против тероризмот и спречувањето на насилниот екстремизам, со цел унапредување на мирот и одржливиот развој, посочуваат од Собрание.
Темата на дводневната глобална конференција на највисоките претставници на парламените е: „Парламентарните лидери во служба на поефективен мултилатерализам што обезбедува мир и одржлив развој за граѓаните и планетата“. Претседателите на парламенти ќе дискутираат за приоритетите за кои е потребна итна меѓународна парламентарна акција, вклучително и глобалната реакција на пандемијата и закрепнувањето по КОВИД-19, климатските промени, борбата против дезинформациите, учеството на младите во политиката и родовата еднаквост.
На свеченото отворање на Конференцијата ќе се обратат: Дуарте Пачеко, претседател на ИПУ, Волфганг Соботка, претседател на Австрискиот национален совет, Петер Рагл, Претседател на Австрискиот федерален совет, Тоне Вилхелмсен Троен, Претседателка на Норвешкиот парламент и Абдула Шахид,Претседател на 76. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Светските конференции на претседатели на парламенти на ИПУ се одржуваат секоја петта година, со цел да се зајакне парламентарната димензија на глобалното управување.