ВМРО – ДПМНЕ го прослави Денот на независноста 8. Септември во Битола

Најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ вечерва на плоштадот „Магнолија“ во Битола го одбележа и прослави Денот на независноста, 8-ми Септември.

Пред членовите и симпатизерите на партијата, лидерот Христијан Мицкоски истакна дека наместо на дебели црвени килими во Скопје, одлучил да слави со народот во Битола.

– Имам должност да кажам зошто денес прославуваме 30 години независност токму во Битола. Денес сме тука затоа што сакаме да направиме паралела со сето она што се случува во ова наше тешко реално политичко секојдневие. А, таа паралела не сакаме да биде иста со онаа паралелна прослава на владата затоа што ВМРО – ДПМНЕ не учествува на паради кои ги прави власта и кога на власта и поедноставно и поудобно да ги гази дебелите килими во Собранието. На ВМРО – ДПМНЕ и е поудобно да биде во Битола заедно со народот, посочи Мицкоски.

На собирот кој се одржа под мотото „30 години се грижиме за Македонија“, Мицкоски ги најави целите на партијата за наредниот период, затоа што како што рече власта нема дефинирани цели.

-Сонувам за големи работи за нашата Македонија и не е доволно само човек да сонува туку и да работи за остварување на тој сон, а јас сум подготвен за тоа. Нашите цели се дефинирани, а на сцена доаѓа нови политичари кои имаат право да зборуваат за тие цели. Нашата цел во следните 30 години мора да биде да влеземе во првите 15 економии во Европа и да постигнеме стандард како една Австрија, економијата да расте со просечни 5-6 проценти годишно, а не да се радуваме на секој еден обичен плус во економијата. Нашата нова цел мора да биде да влеземе како македонци во Европската унија со наш идентитет и зачувани традиции, да бидеме на масата на рамноправните и одвнатре да се бориме за нашите права, и не само влез во ЕУ туку и уривање на границите меѓу земјите и влез во Шенген зоната, рече Мицкоски.

Лидерот на опозиционата ВМРО – ДПМНЕ пред битолчани истакна дека урива ѕидови што делат, и ќе гради мостови што поврзуваат.

-Нашата цел за наредните 30 години мора да биде уривање на последните стереотипи и поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам ѕидови кои делат, а ќе градам мостови што ќе обединуваат. Мора да градиме мостови и меѓусебе да се разликуваме според идеите и во натпреварот кој повеќе ќе направи за нашата Македонија. Мора да се намалат класните разлики преку жестока битка на стандардите, а целта мора да биде не само едноцифрена невработеност, туку и борба за повисоки плати. Ќе бидеме вистински дел од Европа само ако имаме европски плати и приходи за нашето население. На човек може да му ја одземат слободата, може да го ограничат, да го понижат, но неможат да му го одземат сонот, затоа што сонот е идеја, а идејата е вечна. Ќе направам се мојот сон да стане јаве, нагласи Мицкоски на централната празнична прослава организирана по повод Денот на независноста 8-ми Септември.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *