Заев: Од најдоброто во минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина

Свети најсилно овој свет празник. Свети од сите Македонци и Македонки кои ги вградија своите копнежи, своите стремежи, своето знаење и своите животи во создавањето, негувањето и развојот на нашата држава. Силно е осветлен 8 Септември и од сите неброени припадници на сите етнички заедници кои заедно со своите сограѓани, соседи и пријатели, ја споделуваа идејата и определбата за своја, наша, заедничка држава, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод одбележувањето на јубилејот – 30 години од независноста.

Денеска, истакна Заев, славиме еден од најсветите и најсветлите датуми од историјата на нашата земја.

-Најсветол е затоа што пламенот за создавање на државност што Македонците и Македонките го носеа во себе го одржуваа жив со силна поддршка на Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други. Силен и постојан е огнот кој постојано се храни од различните искри и пламени. Тој оган во душите на неброени генерации се разгоре од искрата на идејата дека самосвеста за јасната национална определеност треба да живее, да расте и да се развива во своја, сопствена држава. Таа идеја низ вековите никој не можеше ни да ја сопре, ниту да ја сотре. Гинеа за неа илјадници наши претходници, прадедовци, дедовци, татковци и браќа, мајки и сестри, другарки и другари – и таа остана жива. Затоа што се чуваше во срцето, во душата и се хранеше од визијата за самостојна македонска држава, напомена премиерот.

Нема, потенцира, подобар чувар на една таква идеја.

-Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи. Сите ние денеска сме дел од вековно долгата низа граѓани, активисти, основоположници и патриоти кои ги вложија своите ангажмани и животи за каузата и правдата, за создавање на нашата држава. Сите кои придонесоа во изградбата на државата се патриоти и големци, втемелувачи на општествениот систем и на институциите, градители и чувари на демократијата, знаменосци на слободата, творци на мирот и стабилноста, рече Заев.

Според него, од најдоброто во минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина. Нема никогаш и да заборавиме – во еден период бевме заробено општество, изолирана држава. Стоевме во место, скарани со демократскиот свет. Денеска сме напредна, отворена земја, пријател со демократскиот свет.

-Македонска и европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите наши граѓани, ослободени од стравовите и предрасудите на минатото. Да си ги чуваме светите, историските, илинденските и слободарските моменти од минатото, да се ослободиме целосно од стравовите и мрачните сеќавања. Тоа го можеме, веќе покажавме дека знаеме како. Тоа е нашиот придонес за генерациите после нас, нагласи премиерот.

Тој повтори дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Пред 30 години, на 8 септември, идеалот, кој за многу генерации беше само мечта, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, стана реалност.

-Токму нам, на сегашните генерации ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава. Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг, подвлече претседателот на Владата.

Денес, додаде, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани. Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво. Нашето место во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.

-Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО. Нашето државно знаме развиорено во кругот на знамињата на нашите НАТО сојузници е силен говорник за реализацијата на една од нашите најважни стратешки цели за државата зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, рече Заев, осврнувајќи се и на нашите евроинтеграциски определби.

Северна Македонија, нагласи премиерот, е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век. Балкан на пријателство и соработка и без предрасуди. Тоа е продуктивен пат на заедничката регионална политика, соработка и заедништво. Тоа е и Отворен Балкан. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега, рече, сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката.

-Обновата не демократијата и на демократските институции, денес ја зајакнува кохезијата во нашето општество и го издвојува приоритетот за обединување за да ги оствариме врвните државни интереси и главните национални приоритети. Градиме општество во кое што сите се еднакви и исто вредат. Со љубов и со верба за иднината на нашата земја, продолжуваме заедно да ја градиме нашата земја како едно и еднакво општетство за сите, низ меѓусебна почит и разбирање. Општество на мир и просперитет, истакна Заев.

Тој во оваа прилика потсети и дека Денот на независноста го одбележуваме во посебни околности предизвикани од КОВИД-пандемијата, но порача дека на неа треба да гледаме како на уште една битка за победа.

-Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци… Почитувани Бугари, Хрвати, Црногорци, Грци, Словенци и сите други, Северна Македонија е земја на сонцето. Земја на светлината. Народот и поетите тука пееја дека секогаш со орелски крилја им се враќаат на Охрид и Струга за да ја згрејат душата додека сонцето светло зајдува зад горските убавини. Тука каде што дарбите природата со сета раскош ги дарила. Да си ја чуваме оваа убава држава. Да си ја чуваме светлината дадена од пред векови и векови, и да останеме деца на светлината. Застапници на добрината, на честа, на достоинството, на почитта кон другиот, на добрососедството, заклучи премиерот Зоран Заев кој во обраќањето изрази посебна почит и благодарност до првиот претседател на самостојна Република Македонија Киро Глигоров, до претседателот Борис Трајковски и првиот премиер во самостојна Република Македонија Никола Кљусев.

Нашата историја, додаде Заев, е исполнета со историски личности кои даваат белег во идентитетот на тоа што сме денеска. Но нивната големина не била и останала само на нивните дела, во нивното време. Нивните дела и денеска се живи, а нивниот светол придонес во државотворниот процес е вграден и во периодот на осамостојувањето и градењето на независноста на нашата држава. Оваа плејада од достојни личности ни го даде најдоброто. Тоа за кое животот се посветува. Тоа за кое животот се дава. Тоа е преголем и прескапоцен дар. На тоа наследство достојно за гордост, во пресудни моменти, кога се решаваа историски прашања, граѓаните на нашата земја и одговорните политички лидери носеа големи одлуки. Направија вистински и исправни избори.

Пред премиерот Заев, се обратија претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Програмата продолжува со сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, ќе изведат Вера Милошевска – Јосифовска, Јехона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски.

Во рамки на културно-уметничкиот дел потоа, следува аудиовизуелниот перформанс врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.

Во завршниот дел на музичката програма е предвидена изведба на антологиски забавни песни што ќе ги исполнат Мики Јовановски Џафер, Никола Перевски Пере, Тамара Тодевска, Дешира Ахмети, Џон Илија Апелгрен, Ристо Вртев, Светлана Јовановска, во придружба на Филхармонијата на Северна Македонија како и инструменталната изведбата на албанската народна песна „Бареша“. За крај на одбележувањето е предвиден и свечен огномет.