Шекеринска: Ни даваа мали шанси за успех, но изградивме држава со сите атрибути која стана и членка на НАТО

Членството во НАТО е круна на нашата 30-годишна независност, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на конференцијата во Охрид посветена на агендата НАТО 2030 и 30-годишнината од независноста.

Шекеринска се наврати на скептичноста во некои кругови кога пред 30 години тогашна Македонија ја декларираше својата независност.

-Ни беа дадени мали шанси за успех, главната проценка беше дека бројните конфликти низ Југославија нема да не одминат, и тоа можеби ќе биде крај на државата. И затоа сметам дека е поголемо достигнувањето со сите моменти на радост и тага, бидејќи во изминатите 30 години речиси од нула формиравме институции, изградивме држава и сме посилни, посочи министерката.

Шекеринска рече и дека членството во НАТО е зацврстување на тој суверенитет и зголемување на нашата амбициозност во поглед на тоа каква држава сакаме да создадеме.

Во однос на Авганистан министерката подвлече дека како држава одлучивме да бидеме на страната на демократските вредности, поддршката на норми кои што сметаме дека се цивилизациски, кои што ги допираа особено жените и децата во Авганистан.

-Подготвени сме и да покажеме солидарност, и да прифатиме одредена бројка на евакуирани граѓани на Авганистан, не заради нашето членство во НАТО, туку и заради тоа што долго време сме биле таму присутни, сме имале ангажман, и не сакаме сето тоа да го заборавиме во моментот кога ќе настане вистинска криза. Мислиме дека е ова ситуација која што бара хуманост, а не да се сврти главата од страдањата на луѓето кои се најдоа и ќе се наоѓаат на удар на талибанската власт, истакна Шекеринска.

Дводневната конференција која се одржува денеска и утре во Охрид со бројни учесници од политичкиот и јавниот живот, експерти и странски гости, е вовед во одбележувањето на 30-годишнината од независноста на нашата земја, за што ќе следат и серија други настани во периодот до Денот на независноста, 8 Септември.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *