Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше на Европскиот форум Алпбах кој оваа година е посветен на три теми: „Обезбедувањето на иднината на Европа“, „Финансирањето на иднината на Европа“ и „Климатските промени“, информираат од Влдата.
Преку видеоконференциска врска, тој учествуваше на панелот „Перспективите на Северна Македонија“ заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан.
Во своето воведно излагање, Заев истакна дека членството на земјата во ЕУ е перспектива и без алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија.
-Посветени сме целосно на овој процес затоа што нè водат европските вредности кои се и наши вредности и кои со сите политики што ги имплементираме ја остваруваат европеизацијата и тоа е нашата најсилна мотивација. Целта на Република Северна Македонија не е членство заради членство туку заради постигнувањето на стандардите и имплементацијата на тие стандарди во сите сфери на нашето општество, нагласи Заев.
Дека земјата е на вистинскиот пат и дека ги исполни сите критериуми, додаде Заев, беше потврдено со одлуката и препораката на Европската Комисија до Европскиот Совет на 20 март 2020 година, поддржана од сите земји членки на ЕУ, за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, чијашто организација потоа беше блокирана од Република Бугарија.
-ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција, или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан, потенцираше Заев на Европскиот форум Алпбах.
Тој додаде дека сите земји членки се едногласни дека Северна Македонија испорача и дека ЕУ остана должна со исполнување на својата одлука за почеток на преговорите, и се надева дека тоа ќе стане реалност штом Бугарија формира функционална политичка влада и изрази надеж дека на Самитот за Западен Балкан во Љубљана на 6 октомври ќе има сериозно придвижување на блокираното проширување на ЕУ.
Меѓу прашања од аудиториумот на Форумот особено внимание беше посветено на иницијативата Отворен Балкан за која Заев потенцираше дека не е алтернатива за членството во ЕУ, туку процес кој ги забрзува евроинтеграциските процеси во земјите во регионот, кој го поврзува Западен Балкан според принципите на ЕУ и кој остварува огромен придонес во јакнењето на пријателството и соработката.
This article was a fantastic blend of information and insight. It really got me thinking. I’m looking forward to hearing what others think. Check out my profile for more engaging discussions.