Писмо до Обединета Македонска Дијаспора Г-дин Мето Колоски, Претседател

Драг Пријателе,

Со уважување ја прифатив поканата да иницираме создавање на глобална коалиција на организации од Македонската Дијаспора со заедничко мото „Ние сме Македонија“. Упатувам длабока благодарност што непартиските организации ги уважија постулатите за одбрана на Македонскиот идентитет кои Македонската Алијанса ги прокламира во континуитет. Декларацијата како базичен документ на коалицијата „Ние сме Македонија“ ги содржи сите барања што ние ги упатуваме до надлежните институции во Татковината. Впрочем, тоа се нашите програмски определби. Ние тоа го поздравуваме!

Земајќи предвид дека Македонската Алијанса веќе подолг период повикува на општа мобилизација на Македонците низ целиот свет, давам целосна поддршка на протестот кој „Ние сме Македонија“ ќе го одржи утре во Вашингтон и низ целиот свет. Искрено жалам што заради објективни околности сум спречен и лично да присуствувам на протестот во Вашингтон. Но ова е само почеток и убеден сум дека многу брзо ќе имаме прилика повторно да бидеме рамо до рамо заеднички, сплотени во борбата за заштита на светото Македонско име и идентитет на Македонскиот народ.

Дополнително, во мое лично име и во името на Македонска Алијанса Ве уверувам дека и понатаму ќе бараме прекин на преговорите и нема да дозволиме разнебитување на Татковината.

Нашата борба продолжува! Присутни сме секаде, но најмногу во родната грутка и нашата Татковина! Македонската Алијанса е длабоко уверена дека наша највисока патриотска должност да бидеме предводници на масовното организирање на Македонскиот народ во овој крајно чувствителен период за иднината на Македонија.

 

Со почит,

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *