Коцевски смета дека цената на водата во Велес има услови да се намали за десет отсто

Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски на денешната прес-конференција изјави оти смета дека цената на водата во Велес има услови да се намали за десет отсто.

Тој нагласи оти оваа прес-конференција ја свикал за да даде појаснување на најавите за зголемување на цената на водата и во Велес и голем број реакции во јавноста посебно на социјалните мрежи.

– Покачувањето на цената на водата е спротивно на моите изборни ветувања и чувствувам морална обврска да ги известам граѓаните дека: Прво јас не се откажувам од намерата да се намали цената на водата во наредниот период и второ за овие проблеми веќе разговарав со премиерот Зоран Заев на дебатата која во петокот ја организираше ЗЕЛС во Струга.

Потенцира оти смета дека има недоразбирање при определување на тарифата на водата, која е во прашање ЈВП „Лисиче“.

– Сметам дека не е коректно што при определување на цената не е земен предвид фактот што цевководот на Хидросистемот „Лисиче“ е изграден со средства на граѓаните на Општина Велес, а при пресметување на цената на вода на ЈКП „Дервен“ не е земен предвид фактот дека во претпријатието има превработеност и дека кога тој број ќе се сведе на оптимално ниво доста од трошоците за плати и придонеси ќе се намалат, рече Коцевски.

Тој информира дека тарифата за снабдување со сурова вода наменета за водоснабдување на населението и тарифата за вода на ЈКП „Дервен“ за период 2018 – 2020 ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика која е независно тело на кое не може да влијае Владата.

Тарифата се утврдува според член 13 став 1 од Законот за утврдување на цени на водни услуги и Правилникот за утврдување на цени за водни услуги.

– Досегашната цена на услугата „Снабдување со вода за пиење“ која ние ја плаќаме како граѓани изнесуваше: 30.04 ден./м3 за домаќинства и 60.25 ден./м3 за претпријатијата. Минималното покачување на цената на водата за пиење според оваа пресметка изнесува 22 проценти што за мене како градоначалник е неприфатливо, потенцира Коцевски

Воедно потсети дека Јавните претпријатија заклучно со месец септември биле должни да ги достават податоците, а по добивање на решенијата имаат рок од 30 дена за поднесување тужба пред Управниот суд.

Според моите податоци јавните претпријатија ќе се спротивстават на овие тарифи користејќи ги сите законски механизми.

– Велес не е исклучок. Ова се случува на територија на цела Македонија. Цените на водните услуги се различни заради тоа што тие зависат од трошоците на претпријатијата за производство и дистрибуција на водата за пиење, одржување на водоводната мрежа, одведување на отпадните води, одржување на канализациската мрежа, а во случајот на ЈКП „Дервен“ и за трошоците за набавка на сурова вода спрема ЈПВ Лисиче, информира Коцевски.

– Јас и натаму тврдам дека има услови цената на водата да се намали за 1десет проценти, а не да се зголеми, потенцира Коцевски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *