Заев на средба со Брнз и Мејер: Поддршката од САД е огромна во реализирање на реформите

Американската амбасадорка Кејт Брнз денеска на средба со премиерот Зоран Заев му го претстави заменик-амбасадорот на Соединетите Американски Држави во земјава, Ерик Мејер, кому претседателот на Владата му посака добредојде.

– Заменик-амбасадорот на САД  изрази задоволство од доаѓањето во земјата, позитивно оценувајќи ги условите за зголемена економска соработка и обезбедување економски просперитет на сите граѓани во земјата, информира владината прес-служба.

Премиерот Заев на средбата истакна дека Владата успешно ја остварува реформската и економската агенда, следејќи ги политиките на отворен дијалог со земјите од регионот.

– Нашата посветеност за демократизација на земјата, почитувањето на правото и искоренување на корупцијата е силна и со огромен ангажман. Условите за инвестирање стануваат се поповолни и се забележува зголемување на динамиката на домашни и странски инвестиции. Нашата основна определба, следејќи ја владината програма е да обезбедиме економски просперитет на нашите граѓани, поттикнување на економскиот раст и давање сериозни причини на младите да не ја напуштат татковината, рече Заев.

Премиерот подвлече дека поддршката од САД е огромна во насока на реализирање на реформите во областа на владеење на правото, обезбедување одржлив раст, поттикнување на конкурентноста, зајакнување на човечките ресурси и дигитализација на економијата.

– На средбата беа поздравени одржливите политики и иницијативи на отворен дијалог со соседите, поттикнување на економската соработка и продолжување на патот за остварување на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија, наведува прес-службата на Владата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *