Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година се смета за клучен меѓународен договор. Оценуваат дека одновото правење заложба кон духот и фундаменталните принципи на Конвенцијата денес е поитно од кога и да е, наведуваат од УНХЦР – Агенцијата на ОН за бегалци
Филипо Гранди, висок комесар за бегалци при Обединетите Нации по повод одбележувањето 70 години од документот вели Конвенцијата продолжува да ги штити правата на бегалците насекаде низ светот. Благодарение на Конвенцијата, милиони животи се спасени, додава Гранди.
-Седумдесет години откако е напишана, клучно е меѓународната заедница да ги брани нејзините
принципи, изјави Гранди.
Во колумна по повод годишнината од Конвенцијата, тој алармира за скорешните обиди на некои влади да не ги почитуваат или да ги заобиколат принципите на Конвенцијата, од протерувања и нерегуларни враќања на бегалци и баратели на азил преку копнени и поморски граници, па сè до предлози за
нивно насилно префрлање во трети држави за процесирање без соодветни мерки за
заштита.
Зборувајќи на 70-годишнина од денот кога во 1951г. Конвенцијата за статусот на бегалците беше претставена на државите за потпишување, Гранди изјави дека овој договор е клучна компонента од меѓународното право за човекови права и останува исто толку релевантен денеска како кога бил напишан и договорен.
-Јазикот на Конвенцијата е јасен што се однесува на правата на бегалците и останува
применлив во контекстот на современите и досега непознати предизвици и вонредни
состојби – како пандемијата со КОВИД-19, вели Гранди.
И Конвенцијата за бегалците од 1951 и поскорешниот Глобален договор за бегалците
бараат меѓународна соработка со цел да се изнајде низа решенија за бегалците.
Гранди ја потенцираше потребата од тоа меѓународната заедница да ги почитува
клучните принципи на заштита на бегалците како што се изложени во Конвенцијата,
вклучувајќи го правото на некој што бега од прогон да не биде вратен во опасност.
Седумдесеттата годишнина на Конвенцијата за статусот на бегалците доаѓа само
неколку месеци откако и самата агенција УНХЦР одбележа седум децении како
светска организација со мандат за заштита на присилно раселените лица.