„Патот на Црешовото топче“ и оваа година во Бигорскиот манастир

 Свештената Бигорска Обител по дванаесетти пат беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“. 

 -Традиционално и оваа година во Свештената Бигорска Обител достоинствено беше одбележан споменот за легендарното „Црешово топче“, симболот на борбата на нашиот народ за слобода. Група млади родољубиви луѓе, организирани од здружението „Патот на Црешовото топче – Бигорски манастир“ од Гостивар, облечени во комитски носии, дојаваа синоќа во Бигорскиот манастир, каде некогаш од страна на монасите биле изработени неколку црешови топчиња за Илинденското востание, информираше отец Кирил. 

Комитите, додава  тој, најпрво се упатија кон храмот на свети Јован Крстител, каде од нашиот старец и владика, епископот г. Партениј, со молитва за добробит на татковината и за успешен пат, беа благословени во нивниот подвиг, полн со љубов кон Бога и кон татковината, како и со светло сеќавање за нашите пожртвувани, богољубиви предци.  

 Потоа коњаниците, пред Светото писмо, револвер и кама дадоа заклетва за верност кон револуционерното ослободително дело – онаа иста заклетва што некогаш морале да ја положат сите членови на Македонската револуционерна организација. 

 Благословувајќи го нивниот пат кон славното Крушево, владиката Партениј им се обрати на комитите.

-Нека ви е честито и од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието остане засекогаш силно врежан во нашите срца! Секогаш добро да се сеќаваме на сето она што го направиле нашите богољубиви предци за слобода на нашата Татковина, а вредностите што со многу труд тие ги постигнале, положувајќи ги дури и своите животи за ближните, верно да ги чуваме и да ги пренесеме на нашите идни поколенија. Да сте благословени и нека ни е честит големиот празник што ни доаѓа. Амин, им порача владиката Партениј.  

 По дадената заклетва и добиениот благолов, коњаницата денеска тргна кон Крушево, каде на 2 август ќе се одржи централната Илинденска прослава. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *