Платформа за родова еднаквост: Нема родова еднаквост само со декларативни заложби

Платформата за родова еднаквост, која е составена од 27 невладини организации, преку отворено писмо ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи, а политичките партии да ги одржат своите ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани кандидатски листи на локалните избори.

Според нив, еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката трка и само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.

-Во моментов имаме само шест градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Овој дисбаланс кој ги рефлектира изборните резултати од 2017 година, е само доследно повторување на традицијата која ги прави жените невидливи во изборите. Жените само декларативно имаат право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени. Да потсетиме, на локалните избори во 2013 година беа избрани само четири градоначалнички наспроти 76 мажи градоначалници, а во 1996 и 2009 година немаше ниту една градоначалничка, потсетуваат од Платформата.

Значајно и релевантно политичко учество, додаваат, значи минимум застапеност од 40 отсто на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот.

-Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување. Затоа, тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка, истакнуваат од Платформата.

Посочуваат дека е особено важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од нив ветуваа унапредување на политичкото учество на жените, вклучително и на локално ниво.

-Но, и покрај овие заложби, родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт каде од вкупно 16 министерства, само четири се предводени од жени. Декларативните заложби не ја унапредуваат фактички родовата еднаквост, порачуваат од Платформата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *