Во Прилеп се чествуваат 100 години од раѓањето на народниот херој Борка Талески

Прилепската градска библиотека „Борка Талески“ денеска ја одбележува 100-годишнината од раѓањето на својот патрон, народниот херој Борка Талески.

Изутрината делегација на Библиотеката положи свежи цвеќиња и се поклони пред бистата на народниот херој и пред спомен обележјето во месноста Чашка.

По повод 100 години од раѓањето на Талески, во холот на Библиотеката, Сојузот на филателистите на Македонија, претстави две свои колекции, како и проектот „Седум народни херои“ во чии рамки е и печатењето на поштенска марка со ликот на народниот херој Борка Талески.

Во соработка со АД Пошта на Македонија, на денот на раѓањето на Борка Талески, еднодневно ќе биде во употреба поштенски печат со неговиот лик.

Димитар Горчев, претседател на ИО на Сојузот на филателистите на Македонија нагласува дека редок е случајот во една година седум народни херои да одбележуваат 100 години од раѓањето.

– Минатата година почнавме еден проект, одбележување на јубилеите на народните херои. Првпат, оваа година имаме седум народни херои кои одбележуваат 100 години од раѓањето. Токму затоа, направивме еден проект, побаравме поддршка од поштата која ни излезе во пресрет. Проектот се состои од издавање специјални пригодни пликоа, посветени, секое  посебно, на народните херои. Поштата направи седум пригодни печати кои се на еднодневна употреба во родните места на хероите. Во овој случај, ова е втора промоција на плико, првата беше на 4 јули за генералот Васко Карангелески. Се одржа во домот на АРМ во Скопје. Прилепската библиотека ни прави чест да се придружиме кон одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на народниот херој Борка Талески. Притоа, освен пликовите кои се со печат од Прилеп, носиме и две интересни колекции. Едната е „Народните востанија во Југославија 1941 година“  и втората е „Врховниот командант Јосип Броз Тито“. Тоа се колекции собирани 50-60 години, сопственост на филателистот Томче Георгиев кој учествувал на меѓународна изложба и има добиено високи признанија, објаснува Горчев.

Вечер, од 20 часот, на платото пред Библиотеката со пригодна програма ќе се чествуваат ликот и делото на Борка Талески.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *