Кристијан Даниловски, косопственик на ФХ3Х – компанијата за анимација и визулени ефекти

ФХ3Х-компанија за анимација и визуелни ефекти, основана во Скопје во далечната 1997 година, прерасна во бренд од глобални размери. Повеќе од 10 години соработуваат со студијата во Холивуд, што се смета за центарот на филмската индустрија.

Во својот дведецениски раст компанијата имаше можност да соработува со реномираните холивудски студија, да работи и на филмови што се овенчаа со Оскар – најпоскакуваната статуетка во светот на филмаџиите. Од наградените проекти да ги спомнеме „Ранго“, „Златниот компас“ „Животот на Пи“. Меѓу над стоте филмови на кои биле дел од ефектите се и „Авијатичарот“, „Брзи и бесни – 6“, петтиот дел на „Невозможна мисија“,  „The Martian“, „Spectre“ – најновиот филм со Џејмс Бонд, „Captain America“, Game of Thrones“, но и на култните „Војна на ѕвездите“ и „Ѕвездени патеки“.

Годинава од петте филма номинирани за Оскар за најдобри визуелни ефекти, компанијата работеше на три: „Star Wars: The Last Jedi“, „Guardians of the Galaxy Vol. 2,” и „Kong: Skull Island.“ Последниот проект на кој работеа е од редот на франжизата Марвел – „Црниот Пантер”, што минатата недела почна да се прикажува во кината и ги надмина сите рекорди на прв викенд на прикажување, а нивното име може да се види и на шпицата на овој филм.

Со Кристијан Даниловски еден од сопствениците на ФХ3Х разговаравме за очекувањата во пресрет на 90. издание на Оскарите.

Вие сте член на Светската асоцијација за визуелни ефекти (Visual Effects Society) која учествува во гласањето за номинација за оскар во оваа категорија и ги избира конечните пет наслови што влегуваат во трката за престижната статуетка. Работевте на три од петте филма во конкуренација за Оскарот. Кои се вашите очекувања? 

– Сите пет филма се успешни на бокс-офисот. Нормално „Star Wars“ е број еден оваа година, но не беа многу полоши ниту „Конг“, како ни „Чуварите на Галаксијата“ или „Планетата на мајмуните“. Сите се со многу добри визуелни ефекти, што покажува и нивната номинација за Оскар во услови на остра конкуренција. Сите пет филма на некој начин го заслужуваат оскарот. Мој личен фаворит е „Војна на ѕвездите“ и се надевам дека ќе го добие Оскарот. Тоа е франшиза која на некој начин ја започна оваа категорија на визуелни ефекти уште во 70-тите години. Така што мислам дека е време „Star Wars“ да се врати на тронот и да му се оддаде почеста што ја заслужува.

Во нашето студио, во ФХ3Х, облозите се за „Војна на ѕвездите“ против „Планета на мајмуните“, а трет на листата е „Конг“. Иако, мене најмногу ме импресионираше „Конг“ на кој ние исто така, работевме, пред се, поради начинот на кој е изведен и колку реално е прикажан. Според мене, ова е досега најдобрата изведба на Кинг Конг, а се работи за трет римејк на франшизата. Ќе биде интересно да се проследи манифестацијата на доделување на оскарите.

По објавувањето на номинациите, имате ли сознанија какви беа реакциите во Холивуд меѓу вашите колеги?

–  Главно не ги наруши очекувањата. Сите филмови што беа избрани го заслужуваат тоа. Најдобрите пет се номинирани, заслужено. Останува сега да се види за кого ќе гласа Академијата, оти сега не гласа само стручната публика за визуелните ефекти, туку целата Академија која ја сочинуваат близу десет илјади луѓе.

Филмот на Гиљермо Дел Торо „Shape of Wather“ оваа година доби најмногу номинации – дури 13. Што мислите за филмот и кој според вас е фаворит во категоријата за најдобар филм?

– Секогаш е тешко да се прогнозира како ќе гласа Академијата. Секогаш постои некој тренд што во тој момент владее. Претпоставувам дека има и доста лобирања. Изминатава година имаше и повеќе настани, кои ќе влијаат старите шаблони за Оскар на некој начин да не важат.

Кои се тие стари шаблони?

– Вообичаено беше тоа да бидат филмови што се снимени токму за Оскар. Студијата имаа филмови што се снимани за Оскар и комерцијални филмови, а потоа лобираа за нив. Оваа година ќе биде маку поинаку и можни се изненадувања. Инаку, „Shape of Wather“ е многу добар филм и има сериозни шанси да победи. Вообичаено, како дел од Светската асоцијација за визуелни ефекти имаме пристап до многу повеќе информации, но познати ни се и шпекулациите што кружат во кулоарите за филмовите кои имаат поголема веројатност да бидат наградени, барем кога се однесува за категоријата визуелни ефекти. Кога се однесува за изборот за најдобар филм, со оглед дека гласаат голем број луѓе и секој гласа според својот вкус, најмногу се зборува за „Shape of Wather“. Иако филмот на Дел Торо е жанровски невообичаен за оскаровски филм, важи за фаворит и е во жестока борба во обложувалниците со „Three Billboards Outside Ebbing, Missouri”.

Минатата година прославивте 20 години постоење. Од 2004 година работите и со Холивуд. Успехот лани е одбележан со отворање на Канцеларијата во Лос Анџелес, како и со инсталирање на две Motion captures студија, едното во Скопје, а другото во градот на ангелите. Што значи тоа за развојот на вашата компанија?

– Нашата канцеларија, што се наоѓа во срцето на Холивуд, е лоцирана  во оригиналното студио на Чарли Чаплин, што е реновирано од страна на Џими Хенсон Компанијата – творецот на култната серија „Мапет шоу“. Таа канцеларија дојде како природно продолжување на нашето веќе дведецениско работење со Холивуд. Едноставно се појави потреба за поинтензивна соработка со компанијата Џими Хенсон, така што беше добра поддршка за развој на нашиот бизнис во Холивуд. Добро е и за самото студио каде што работевме и каде што е финиширана целата серија „Splash and Bubles“ која ја работевме со оваа компанија. Станува збор за анимирана серија наменета за предшколска возраст во 90 епизоди за која ние целосно ја работевме анимацијата и визуелните ефекти, почнувајќи од моделирање, анимација, конечна слика, колор и целата монтажа. Тоа се преку 900 минути анимација за една година и навистина беше предизвик за нашиот тим кој беше на ниво на проектот. Од лани летото оваа серија се емитува на американската национална мрежа PBS, а од оваа година би требало да оди и на Нетворк мрежата.

Можеби не можеме да откриеме на што работиме сега, поради клаузулата за доверливост, но можеби можеме да се пофалиме на што работевме последно. Во соработка со Си-Би-Ес учествувавме во креирање на визуелните ефекти на неколку епизоди од серијата „Star Track Discovery“, на кои работевме од октомври до декември, минатата година, и тоа е уште една франшиза на која одамна посакувавме да работиме.

Што се однесува до двете Motion captures студија потребата се јави, исто така, како резултат на проширување на соработката со компанијата Џими  Хенсон, во чии простории е лоцирано едното студио, а второто во Скопје е отворено подоцна. Станува збор за опрема со која се пренесува движењето од артисти на дигитални  ликови кои се анимирани. Оваа технологија ја применуваме уште од 2004 година и одлично ја владееме. Досега со нив работевме на серии од пет сезони. Инаку и двете студија се поврзани, интегрирани и дигитално од далечина може да го контролираме студиото во Холивуд или обратно тоа во Скопје. Студијата ги користевме и за анимации за атракции во забавни паркови во Јужна Азија  и на Фабриката за чоколади „Хершис“ во Пенсилванија.

Тешко ли е да се опстане во светот на визуелните ефекти на глобално ниво, односно во Холивуд каде е центарот на филмската индустрија?

– Реално конкуренцијата е огромна бидејќи пазарот е еден. Тоа се шесте холивудски студија, што сега се пет, откако студиото „Дизни“  го купи студиото „21st Century Fox“. Притисокот на цените е голем бидејќи се натпреварувате со компании од Кина, Индија  и други места кои се многу конкурентни со цените. Уште поголем притисок се јавува од држави како што се Канада и Велика Британија каде што, пак, има големи државни субвенции. Во Канада тие се преку 40 проценти од трошоците што им се враќаат на холивудските студија. Во Велика Британија тој процент е некаде преку 25 проценти, а имаат и ставки и до 30, па и 40 проценти. Дури и во регионот, на пример во Србија ваквите државни субвенции се подигнаа над 25 проценти. Кај нас таквата можност постои на хартија,  меѓутоа, за жал, се уште не успеавме да профункционираме како што треба и покрај тоа што е пониска од онаа во Србија.

Кај нас субвенциите се 20 проценти, но има делови на законот што го прават прилично неприменлив во нашата дејност. Проблем е што законодавецот не предвидел дека продуцентската куќа, која е носител на проектот може да биде и давател на услугата како во наш случај. Па затоа  мора да се вметнуваат фирми посредници помеѓу нас како давачи на услугите и странските студија кои што се корисници на услугите, а тоа само по себе генерира други трошоци кои ја прават самата државна субвенција многу неконкурента. Кога би се тргнал тој еден став од Законот можноста за конкурентност ќе биде многу поголема. Така што засега останува нашата конкурентност на нас самите, но се бориме на наш начин и се обидуваме да се справиме со таквите состојби на пазарот. Не е едноставно, но можеме, успешни сме и работиме квалитетно што покажува и самата листа на преку 100 холивудски филма од кои повеќето блокбастери на коишто сме работеле досега. Растеме со секој нов проекти имаме среќа да работиме на спектакуларно добри и атрактивни филмови и тоа е во суштина нашата промоција во Холивуд.

Кој е следен предизвик за ФХ3Х во однос на технологијата, капацитетите, проектите…?

–  Се обидуваме секогаш да бидеме во тек со најновата технологија, но имавме и деловни предизвици минатата година кои успешно ги надминавме. Работиме на повеќе проекти. Последен беше филмот „Црниот пантер“ кој веќе соборува рекорди на бокс-офисот. Ни претстојат уште ред такви проекти кои се веќе закажани за оваа година. Следен предизвик ќе биде уште повеќе да ја зголемиме нашата конкурентност, да работиме на поголеми делови од филмовите. Кај нас веќе усвоивме повеќе технологии од областа на виртуелната реалност (Ougmented reality) и се обидуваме да бидеме во чекор со сите новини и технологии кои се појавуваат. Сакаме да обезбедиме уште поголем раст на компанијата. Се надеваме дека во меѓувреме ќе успееме да обезбедиме порамноправни законски услови со другите компании од регионот во однос на продукциските субвенции.