СЛОВО НА МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ ПРЕД ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО РИМ ВО 2002 ГОДИНА

ТРИЕСЕТ И ЧЕТВРТОТО ПОКЛОНЕНИЕ ВО ВЕЧНИОТ ГРАД РИМ

Во 2002 година се одбележаа 35 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, како и 35 години од поклоничките чествувања на гробот на свети Кирил во Рим. Црковната делегација беше во состав: митрополитот Кирил, митрополитот Тимотеј, свештеникот Сашко Николовски, ѓаконот Сашко Ристески и професорот Ѓоко Ѓорѓевски. Покрај делегацијата, во Рим престојуваше и хорот при Соборниот храм „Свети Климент Охридски” од Скопје и старешината на храмот протојерејот-ставрофор Ѓорѓи Кацарски.

Делегацијата, најпрвин, беше примена од новоназначениот и прв резиденцијален амбасадор на Република Македонија при Светата столица, г-дин Иван Ангелов. Истиот ден, црковниот хор настапи со концерт.

Делегацијата на МПЦ оствари средба со Папскиот совет за единство на христијаните и Католичкиот комитет за културна соработка во Ватикан, на која беа присутни и бискупот Марк Квеле, отец Елевтериј, претседател на Понтификалниот совет и проф. отец Мај. На молебенот на гробот на свети Кирил, митрополитот Кирил произнесе празнична беседа. Од името на Република Македонија и нејзините граѓани, на гробот положи венец државната делегација предводена од министерот за култура, г-ѓа Ганка Самоилова-Цветановска

Митрополит Полошко-кумановски Кирил 

Слово за свети Кирил Солунски, одржано на неговиот гроб, во Рим, на 24 мај 2002 година.

Христос Воскресна!  

Светителе Оче наш Кириле: „Ти како сонце огреа на земјата, просветувајќи ги сите со богогласните лачи на твоето учење. Стоиме пред гробот во кој почива твоето свето тело и со вера ти пееме: „Блажени, спомни си за нас, твоите наследници”.

Ваше Високопреосвештенство,

Почитувани министри при Владата на Република Македонија,

Ваши Екселенции,

Чесни оци,

браќа и сестри во Господа,

почитувачи на свети Кирила и пријатели на македонскиот народ,

на Република Македонија и на Македонската православна црква, 

На овој празничен ден – посветен во спомен, чест и слава на ликот и на огромното и епохално дело на рамноапостолите – светите с,алунски браќа Кирил и Методиј, како што е веќе традиција за нашата света црква и за нашата татковина, Република Македонија, доаѓаме на поклонение, овде во вечниот град – Рим, и молитвена оддаваме почит пред моштите и гробот на свети Кирил. 

Овогодишното чествување на големиот наш апостол, кој е апостол и на сите словенски народи, кој, заедно со брата си Методиј и со свети Бенедикт се сомолитвеници и созаштитници на Европа, еве, е триесет и петто по ред и, во некоја смисла, е јубилејно. Како потсетување: за првпат дверите на базиликата „Свети Климент Римски” ни беа отворени во 1968 година, само една година по обновената самостојност на древната Охридска архиепископија во 1967 година, олицетворена во денешната света Македонска православна црква . Всушност, тогаш како црква ја продолживме заораната бразда на големиот просветител, која беше прекината со неговото упокојување и преселување во небесната црква, во 869 година, овде во Рим. 

Значи, уште пред три и пол децении почнаа да се создаваат вонредни услови за разбирање на нашата вистина и искрено почитување и соработка на екуменски план со нашата тукушто возобновена Света црква, како со Светата столица, така и со голем број ватикански просветни институции и институти. Како резултат на таквата продлабочена соработка меѓу другите плодови, повеќе наши сегашни архипастири и професори во нашите просветни богословски институции беа на постдипломски студии во овие институции, а некои станаа и доктори на науки. И при оваа пригода искажуваме благодарност од нашата Света црква кон Светата столица, за сите досегашни добрини и помошти. 

Затоа, кога веќе го спомнавме 35-годишното наше јубилејно присуство на ова свето место и христијанската братска соработка, проникната со евангелска Христова љубов, заедно со 35-годишниот јубилеј од воскреснувањето на нашата Света црква, со воспоставено целосно литургиско и канонско живеење, со задоволство можеме да истакнеме дека овогодишните светоденски празнични одбележувања, на богоблагословениот и христољубив македонски христијански народ, срцата ги исполнува посебна радост, пропратена со вечна благодарност кон нашиот заеднички отец небесен. 

91kir1

Екселенции,

Дами и господа,

браќа и сестри во Господа, 

Пред 35 години, на 17 и 18 јули 1967 година, во древниот наш Охрид, во тој македонски и сесловенски Ерусалим, ги донесовме историските одлуки и ја исправивме големата неправда која ѝ беше нанесена во 1767 година од страна на отоманската власт, неправда која на нашата Света црква со апостолско приемство и на нашиот христољубив библиски христијански народ, траеше цели две столетија. 

Иако бевме свесни дека ќе наидеме пред сложени проблеми од страна на некои сестринскиправославни цркви, ние, тогашните учесници на историскиот собор, ја донесовме Одлуката за возобновување на нашата Света црква. борбата што ја водевме и се уште ја водиме беше и се уште е макотрпна, но е славна и ќе биде победоносна за нашиот христољубив народ. 

Затоа, со право се надеваме, со божја помош, дека ќе надвладее љубовта кај великодостојниците на сестринските православни цркви, та во најскоро време ќе се најдеме на заедничката евхаристична Христова трпеза, со нив и со сите крстени во Господа воскреснатиот. 

Ние силно веруваме во ваквото позитивно решение за нашата Света црква, иако за некои обновата на нашата црква се истакнува како проблем, проблем кој всушност не постои, туку тој е измислен! Па, ние само го повративме и го оживотворивме она што го имавме, а кое, незаконски од иноверна. власт, ни беше одземено! 

Во овој 35-годишен период постигањата на нашата Света црква, во татковината и во дијаспората, се огромни. Но чувството на радост од постигањата, за жал, ни е нарушено со наметнатите однадвор терористички напади и извршени злодела, кои минатата година, во северозападните делови на нашата суверена татковина – Македонија, беа извршени од албанските вооружени банди од кои беа разрушени и обесветени повеќе десетици наши светилишта, а беа протерани и десетици илјади недолжни православни граѓани од своите вековни огништа. Трагичните последици ги чувствуваме, еве, и оваа година. 

Но, му благодариме на Спасителот, Господ Исус Христос, кој со своето славно воскресение ја победи смртта и ни даде можност и ние да ја славиме победата на животот над смртта и победата на мирот над војната.

Во овој миг на воскресенска велигденска радост, со најголем пиетет, гордо стоиме пред гробот на свети Кирил и се поклонуваме пред него – големиот сесловенски апостол и учител. Тој, заедно со својот брат Методиј, со нивното големо мисионерско дело се основоположници на културата и просветата и утврдувачи на христијанството кај сите словенски народи. 

А ние, како народ, чувствуваме посебна милост, пред лицето на троичниот Бог, зашто на нашиот стародревен македонски јазик биле преведени богослужбените книги и Светото писмо. Тој наш јазик, што се говорел во Солунско станал цврст темелник врз кој се градело цивилизациското дело, потпрено врз идеите и идеалите на светото евангелие и на Светата црква, дело кое постанало и останало извор на културно и просветна обединување за целиот словенски род.

Епохалното мисионерско дело на светите рамноапостоли Кирил и Методиј, продолжено од нивните најнадарени ученици, охридските чудотворци свети Климент и свети Наум, вродило изобилни плодови на просторот од библиска Македонија. 

Без нив и без нивната саможртвеност во збогатувањето и запазувањето на основните идеали на своите учители – огромно и епохално дело на овие свети мажи, можеше и да исчезне. Но, овие наши горостасни македонски молитвеници, дури и ги збогатиле високите светокирилови и методиевски вредности, продолжувајќи ги на Охридскиот универзитет, на тој прв образовен центар не само на Балканот, туку и пошироко.

Затоа, ние денес како народ, како црква и како суверена држава, минувајќи низ многу тешкотии и голготски крсни распнувања, ја бараме и ја чувствуваме молитвената закрила на овие големи светители и молитвеници. Нивното дело, кое е недвојливо од нас како народ и црква покажува колку се длабоки и цврсти нашите корени. А, ние ги продолжуваме древните традиции и обичаи, оживотворени, повеќекратно оплодотворени и осветени во сето наше постоење, со цел даги сочуваме и сите наши духовни и национални скапоцени вредности и да им ги предадеме на нашите идни поколенија. 

Така, вдахновени од нивните еванглески и богољубиви пораки и нивното молитвена застапништво пред Бога, еве, успеавме да се спасиме од исчезнување и како народ и како црква и како суверена македонска држава. Затоа и ветуваме на ова свето место, светителе аче наш Кириле, дека ќе продолжиме, следејќи го нивниот пример, со посилен ентузијазам да создаваме нови вредности за нас, и во татковината и во дијаспората, да твориме дела за доброто на целото мирољубиво и правдољубиво човештво, во новиот од Бога благословен трет милениум.

Во тоа најмногу ќе ни помогне евангелската христијанска љубов која длабоко ја носиме како народ Светикирилов и Светиклиментов и сакаме да ја подариме на сите луѓе, без оглед на национална и верска припадност, со кои милееме да живееме во мир и благосостојба. 

Ете затоа, браќа и сестри во Господа, молитвена и денес се поклонува родот наш македонски пред ликот и делото на великанот и духовен горостас свети Кирил. Дај Боже сепобедната Христова воскресенска убов да ни биде ѕвезда водилка преку молитвите на свети Кирил Солунскии на сите светии, за да живееме како чеда Христови. 

Така Господ ќе биде секогаш со нас, а ако Господ е со нас тогаш кој ќе може да биде против нас?!

91kir2

Лешочкиот манастир 

Само така, да веруваме, дека Господ Бог и Пресвета Богородица ќе го прослават и нашиот живот и нашето постоење за навек! Светител, оче наш Кириле, моли го Бога за нас, за целосен мир и благосостојба во нашата родна и мила татковина Македонија и за мир во целиот свет.

Амин! 

Христос Воскресна!

Од издавачката дејност: 

Маја Јакимовска-Тошиќ: Оригиналните книжевни состави во македонскиот XV век, Институт за македонска литература, Скопје 2002.

Лилјана Макаријоска: Девербативните именки во македонските црковнословенски ракописи, Посебни изданија на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” – Скопје, кн. 32, Скопје 2002.

Стојна Поп-Атанасова: Лексиката на македонската црковна поезија, Скопје 2002.

Александра Ѓуркова: Декларативните зависносложени реченици во Крнинскиот дамаскин, Скопје 2002.

Катица Трајкова: Лексиката на Станиславовиот пролог, Скопје 2002. 

Славе Николовски Катин: Македонците во САД и Канада, „Македонска искра“ – Скопје, 2002, 1-382, (на македонски и англиски).

Славе Николовски Катин: Монографија за семејството Јановски од Торонто, „Македонска искра“, Скопје, 2002, 1-226, (на македонски и англиски).

Продолжува

1slave  Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *