Конференција „Економист“: Процесот на европска интеграција станува се помалку предвидлив, да не се дозволи вакуумот во проширувањето да го пополнат трети сили

Процесот на европска интеграција станува се помалку предвидлив. Поради тоа, да не се дозволи вакуумот во проширувањето да го пополнат трети сили, туку добри иницијативи за регионот. Состојбата на неизвесност на државите од регионот во поглед на членството во Унијата може да создаде превирања и ЕУ мора да најде начин да продолжи со процесот на проширување.

Ова беа главните пораки на панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на соработката и солидарноста“ во рамки на дводневната конференција на „Економист“ што се одржува во Атина.

Албанскиот премиер Еди Рама на панелот истакна дека земјите од регионот не сакаат да бараат друга алтернатива за членството во ЕУ.

-Нам порано ни беше кажано дека процесот на интеграција ќе го потисне  балканскиот национализам, но сега се случува спротивното, денес сме заложници на европскиот национализам. И ова е многу тажно, но што можеме да направиме, да продолжиме да чекориме бидејќи немаме друга алтернатива и не сакаме да бараме други алтернативи. Особено тука во Албанија, знаеме дека постојат „демони“, се соочивме со нив во минатото, и ја научивме лекцијата на потешкиот начин, значи нема друга алтернатива освен тоа да имаме свое место во Унијата, мир и безбедност, рече Рама.

Тој оцени дека процесот на европска интеграција станува се помалку и помалку предвидлив и по големото проширување во 2004 година, работите беа потешки за Романија и Бугарија во 2007, а дури потешки потоа за Хрватска.

-Но мора да продолжиме да одиме напред и силно верувам дека во меѓувреме дека ќе ја сработиме задачата дома, ќе продолжиме да туркаме со реформите, не само затоа што тоа се бара од нас, туку и за идните генерации, мора да ги јакнеме и билатералната и регионалната соработка во целина, истакна Рама.

Албанскиот премиер рече дека регионот влезе во нова ера на соработка и поврзување.

-Тука е и Берлинскиот процес. На пример, со премиерот Зоран Заев во последно време остварив повеќе средби отколку со некои мои министри. Од друга стана, исто е и со моите српски колеги, и тоа веќе не е вест, туку е новото нормално. Порано кога се среќавав со Александар Вучиќ тоа беше најголема вест, но сега е нормално. Мора да туркаме напред со нашите соседи, но не со цел да го поделиме регионот, не да создадеме нешто што е во  спротивност на целата визија за регионот, туку она што им го должиме на нашите граѓани, заклучи Рама.

Премиерот на Косово Албин Курти истакна дека соработката меѓу земјите во регионот, како и нивната интеграција во Еворпската Унија, која треба да биде што поскоро, а не да се одолговлечи, е вистинскиот начин за да се оди напред и да се обезбеди долгорочен мир и стабилност.

Поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ рече дека 22 години од воспоставувањето на Процесот за стабилизација и асоцијација и 18 години од Агендата во Солун од 2003 година, само Хрватска стана членка на ЕУ.

-Во меѓувреме, повеќе од државите се наоѓаа во состојба на неизвесност, што креира опасни вакуум простори што можат да бидат пополнети од трети сили, кои и не мора да имаат најдобар интерес за регионот. Единствена иднина за регионот на Југоисточна Европа е целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ како предуслоов за долгорочен мир и стабилност, рече Китаровиќ.

Според неа, ЕУ мора да најде заеднички јазик и да продолжи со проширувањето, и тоа повеќе треба да биде консолирдирање, односно Западен Балкан не е двор на ЕУ, туку е составен дел на Унијата и треба да биде консолидиран во неа.

-Има две можности за регионот, едната е да се направат добри работи за многу кратко време, а другата е да се западне во превирања многу брзо и да не заборавиме на тоа. Вакуумот што се создаде во европската интеграција треба да биде пополнет со добри иницијативи што ќе овозможат напредок на регонот. Брдо Бриони процесот и Берлинскиот процес не се доволни, на регионот му требаат повеќе инвестиции што ќе овозможат подобра конективност, кохезија и конкуретност, истакна Грабар Китаровиќ.

Поранешниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, подвлече дека историјата не треба да биде затвор за граѓаните од регионот, туку школа.

-Она што Зоран Заев и Алексис Ципрас го постигнаа со Договорот од Преспа, за тоа беше потребна голема храброст, но духот на Преспа е многу едноставен – можеме да решиме долгорочни конфликти преку дијалог, и сето тоа е базирано врз меѓународното право и заеднички договори, се надевам, дека и Белград и Приштина ќе го постигнат тоа, рече Катругалос.

Тој посочи дека Европската Унија има обврска кон кандидатите за членство, таа треба да ги испочитува своите обврски, да ја испочитува тешката работа што ја прават овие земји, да покаже солидарност во практика, не само теоретски, и ова, како што рече, се големи предизвици за Европа, не само во врска со Балканот, туку и на светската сцена.

-Имаме политичка и морална обврска да продолжиме со Агендата од Солун, да продолжиме во духот на Преспа, со цел да направиме подобра иднина за сите нас, за нашите граѓани и за нашите држави, истакна Катругалос, кој сега е пратеник во грчкиот Парламент.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *