Северна Македонија и Грција денеска во Атина ќе го потпишат договорот за интерконекторот за природен гас

Министерот за економија на Северна Македонија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас, во Атина ќе го потпишат Договорот меѓу владите на двете земји за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција- Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Потпишувањето е планирано во текот на денешниот ден, а Бектеши е дел од делегација од нашата земја, предводена од премиерот Зоран Заев, кој учествува на дводневната конференција на „Економист“.

На вчерашниот редовен брифинг со новинарите, портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на договорот, рече дека Грција секогаш ја поддржува за интеграција на соседите од Западниот Балканот во Европската Унија, под поставените услови и„ секогаш поддржува економски развој и регионална стабилност и преку билатерални договори“.

Во рамките на „25-та тркалезна маса со грчката Влада“ што оваа година е на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, премиерот Заев, утрово заедно со неговите колеги од Албанија и Косово Еди Рама и Албин Курти, ќе дискутираат за зајакнување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, за проширувањето на ЕУ, за трговијата и инвестициите како и за иницијативите за мир и подобро разбирање.

На панел дискусијата заедно со Заев, Курти и Рама (кој ќе се вклучи онлајн), ќе учествуваат и поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателка на мрежата „Диктио“ и поранешната европска комесарка Ана Дијамантопулу, пратеникот од СИРИЗА и поранешен министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, како и поранешниот претседател на  Републикански национален комитет Рајнс Прибес.

Синоќа, се одржа свечената гала вечера на конференцијата на која се обрати грчкиот премиерот Киријакос Мицотакис, а присуствуваше и премиерот Заев, како и министерот за внатрешни работи на Грција, Макис Воридис, министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шулц, потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, поранешната претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, поранешниот француски премиер Доминк Де Вилпен, амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат, како и бројни дипломати, бизнисмени, стопанственици.

На економскиот форум во Атина, присутни се и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, како и министерот за економија Крешник Бектеши.

Од владината прес-служба соопштуваат дека средбите што ќе се реализираат во фокус ја имаат економијата и енергетиката и додаваат дека економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција, по потпишување на Договорот од Преспа се зацврстува и интензивира.

Премиерот Заев учествуваше и на ланската конференција на Економист, односно на 24-та тркалезна маса со грчката Влада, што наместо во јули, поради пандемијата, се одржа во септември минатата година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *