Средба на градоначалникот на Кавадарци со американскиот амбасадор, поздравена соработката со Советот

Американскиот амбасадор ја поздрави соработката помеѓу градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството во Советот од СДСМ. Вака рече денеска по средбата со него, кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, запрашан како Џес Бејли ја искоментирал политичката состојба во општината.

– Знаете, разговаравме на таа тема и е многу среќен што тоа функционира. Ми се чини дека сме единствена општина во Македонија каде функционира градоначалникот од една опција, а Советот да биде од друга и да функционира како што треба без никакви опструкции во интерес на општеството. Не само овој амбасадор, сите кои имаат дојдено се задоволни поради тоа и мислам дека тоа е правиот начин и правиот пат за развивање на демократијата во Македонија, изјави Јанчев.

Тој потенцира дека американскиот амбасадор истакнал дека ја поддржува општина Кавадарци. – Ни дава така голема сила и ветер во грб, за да се движиме напред како општина, како вински регион, како економско добро развиен регион и сме со исто мислење, дека имаме добра перспектива и економска и општествена, да се развиваме како општина во подобра насока, нагласи Јанчев.

Тој додаде дека Американската амбасада е доста инволвирана во сите ситуации и е доста добро запознаена со функционирањето на општините и на Владата, така да може да се очекува поддршка во секој дел.

Поддршката, истакна, може да биде и материјална и финансиска и со инвестиции во делот на развој на економијата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *