Пахор: Одложувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија е политички и морално погрешно, го поткопува авторитетот на ЕУ

Проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан е предуслов за стабилна, просперитетна иднина на Европа. Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно. Не само тоа, тоа е и политички и морално погрешно, со тоа се поткопува авторитетот на ЕУ, истакна словенечкиот претседател Борут Пахор на пленарната сесија на високо ниво денеска на вториот ден на Преспа форум дијалогот „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“ што од вчера се одржува во Охрид.

Тој најави дека како претседател на Словенија која е актуелен претседавач со ЕУ, но и во име на Владата во Љубљана, ќе направи се за деблокирање на процесите на интегрирање на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Активностите во таа насока ќе почнат веќе наредната седмица, кога заедно со премиерот и шефот на словенечката дипломатија ќе отпатуваат за Софија, во обид да се деблокира евроинтегративниот процес и С.Макеоднија и Албанија да отпочнат преговори за членство.

Пахор во обраќањето пред учесниците истакна дека проширувањето на ЕУ со земјите со Западен Балкан е геополитичко прашање од највисок приоритет. Тој укажа на потребата самите земји од регионот да ги забрзаат реформските активности, но повтори дека самото проширување е сепак прашање од витален интерес на самата Европска унија.

Кон регионот на Западен Балкан треба да се гледа како на целина, а најдобро би било кога Унијата би ги вклучила сите држави од Балканот во својата стратегија за проширување.

– Капацитетот за апсорпција на ЕУ е доволен за забрзано проширување. Кога станува збор за Западен Балкан, тоа се повеќе станува временски критично прашање, оттаму што забавувањето на процесот ја ослабнува довербата на регионот во ЕУ, што пак остава простор за појава на националнистички и ретроградни процеси. Преку проширувањето ќе се отстранат опасните, би рекол наивни идеи за промени на граници во регионот. Забрзан просец на интеграција на ЕУ значајно ќе ги зајаке начелото на територијален интегритет на земјите и бездноста на регионот, но и на цела Европа. Доколку проширувањето застане, нема да биде завршен европскиот проект за целосно обединета Европа, рече Пахор, притоа потсетувајќи и на важноста од интензивната соработка со САД во таа насока.

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, од своја страна пред говорниците посочи дека најасната политика на ЕУ кон Западниот Балкан води кон пад на евроентузијазмот, што пак остава простор за пенетрација на трети страни и појава на лоши политики во регионот.

Ѓукановиќ истакна дека за да се избегнат негативни појави неопходно е засилено присуство на Европа на Западниот Балкан, со реално согледување на геополитичката важност на регионот. Тој истакна дека охрабрувачки се пораките што доаѓаат од Вашингтон по промената на власта за обнова на евроатлантизмот, како и позитивните рефлексии од поважните центри во Европа.

– Европските вредности не му се вродени на Западниот Балкан, напротив тој заостануваше затоа што долго време и избегнуваше да и се приклучи на Европа. Затоа мораме постојано заеднички да го туркаме процесот на интеграција на Западниот Балкан. Нема дилеми ниту префрлање на одговорноста врз други. Најважниот дел од работата мораме да го завршиме во своите дворови. Сакаме да ги исполниме стандардите и да бидеме полноправни членови на ЕУ, но и рамноправни партнери, рече претседателот на Црна Гора.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *