Предлогот на португалското претседателство, на кој сега ќе работи Словенија, која од вчера претседава со Европската Унијата е единствениот се уште жив и валиден предлог за решавање на спорот со Бугарија. За прашањето за јазикот и идентитетските атрибути никогаш не е разговарано на билатерална основа и оти тоа прашање единствено го третира предлогот на претседателството.
-Немавме отворено отфрлување од страна на Република Бугарија и затоа го сметаме како единствениот се уште жив и валиден предлог којшто сега се пренесува на новото претседателство. Се разбира, претседателството е тоа што ќе утврди пристап како ќе пристапат двете земји и како ќе го отвори тој дијалог. Меѓутоа, од разговорите што ги имав со мојот колега министерот Логар е дека словенечкото претседателство активно ќе се преокупира со ова прашање со цел да има успех којшто би се крунисал на Самитот којшто го организира Словенија на 6 октомври, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференцијата вчера во Охрид, во врска со можноста од Првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог да произлезат некакви нови можни решенија.
Согласно предлогот на португалското претседателство со ЕУ за решавање на прашањето со Бугарија, а којшто се однесува на јазикот, е тоа прашање, вели, да се реши со две унилатерални изјави, и на Северна Македонија и на Бугарија.
-Од Северна Македонија се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран во 1945 година, без други формулации. Додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес, рече Османи.
Тој информира дека разговарал со неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва во однос на изјавата на португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закариаш, во која таа наводно тврди дека во минатото македонскиот јазик бил дел од бугарскиот. Силва, реше тој, изразил жалење на начинот на кој што била формулирана изјавата и ја реафирмирал позицијата на Португалија дека нивниот став и по однос на јазикот и по однос на сите други прашања што се дел од спорот со Бугарија остануваат само тие што ги има во пишаниот документ како предлог што тие го доставиле на маса во Скопје и во Софија, но и пред земјите членки и оти нема никаква дилема во тој дел.
– Тоа што можам да кажам е дека португалското претседателство успеа да докаже дека решение постои, дека решението е тука само треба повеќе напори и повеќе разговори, повеќе дијалог, повеќе разбирање на едните и другите за да се дојде до тоа решение, рече Османи.
Министерот за правда Бојан Маричиќ за медиумите на прес-конференција на Преспа форумот изјави дека идејата на унилатералните изјави за некои прашања вклучувајќи го и јазикот, е токму тоа да се укаже дека двете страни имаат различни ставови по одредени прашања, па и тоа за јазикот. повтори дека македонската страна јасно и недвосмислено кажала и во тие изјави и во други дека нашиот јазик постои и пред кодификацијата во 45-та, а декларација е само предмет на разговори.
-Ние од нашата позиција не можеме да отстапиме, за нас е многу важно во рамките на законодавството на ЕУ и во преговарачката рамка да остане формулацијата дека правото на ЕУ се преведува на македонски јазик и во контекст на тоа немаме проблем доколку дадеме унилатерална изјава во која ќе се изнесат факти, но исто така со тоа не признаваме и не знам која е точната формулација, до крај, меѓутоа во никој случај немаме право ниту можност да признаеме дека македонскиот јазик постои од 1945 година. Сигурно дека постои претходно, а е кодификуван 45-та и тоа е прашање на факт, рече Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето на Преспа форум дијалогот „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“, истакна дека неприкосновено право на секој народ е правото на самоопределување и да го одбере јазикот на кој зборува, а прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет и вредностите што треба да ги предводи ЕУ.
-ЕУ не е само економски гигант, туку водечки пример во наративот на вредности. Преку Лисабонскиот договор државите-членки на Унијата се обврзаа да ги штитат и негуваат јазичните и културните различности на контитентот, така што не е европски ние сега да се соочуваме со пречка што досега беше третирана како прашање од техничка природа, рече Димитров.
Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер на панелот „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?“, во рамки на првата Меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог, изрази разочараност од повторното одложување на одлуката за старт на преговорите со С Македонија и Албанија.
– Разочарани сме што прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија не беше решено и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери, изјави Палмер.
Палмер подвлече дека тоа влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион. Воедно, ја повтори неодамнешната изјава на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, заклучувајќи дека ЕУ мора да застане зад своите обврски кон регионот.
-Ова вклучува унапредување на пристапниот развој на Северна Македонија и Албанија и овозможување визна либерализација на Косово, заклучи заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Палмер.