Логар: Проширувањето на ЕУ со балканските земји останува приоритет за словенечкото претседателство

Шефот на словенечката дипломатија Анже Логар, чија држава од денеска го почнува претседавањето со ЕУ се обрати преку видео порака до панелот на министрите за надворешни работи насловен како „Градење на доверба преку дијалог “ во рамки на Преспа форум дијалогот, порачувајќи дека проширувањето на ЕУ со балканските држави останува приоритет за Словенија како претседавач.

– Проширувањето не е техничко, туку клучно, врвно геостратешко прашање, прашање што бара внимание, амбиција и политичка волја на сите чинители за остварување на заедничките цели – цврста и силна Европа. Словенија сака брз старт на процесот на проширување. Ако Европа сака да биде целосна и слободна, тогаш земјите од регионот мора да бидат ислушани со инклузивен пристап. Отсуството стратешки решенија за регионот го остава авионот без пилот, остава простор за други геостратешки играчи да го остварат своето влијание, рече Логар.

Тој порача дека во сржта на словенечкото претседателство со ЕУ се и безбедноста и мирот и додаде дека сето ова мора да се дискутира на највисоко ниво. Додаде дека во таа насока го организираат и Самит ЕУ-Западен Балкан, бидејќи успехот на регионот зависи од сите актери кои се вклучени во процесот.

Домаќин на овој панел беше шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој истакна дека водењето дијалог без доверба не испорачува посакувани резултати, дури и кога се чини дека дијалогот е успешен.

Османи нагласи дека со Република Бугарија имавме успешен дијалог крунисан со Договор потпишан во 2017 година, кој е одлична рамка за унапредување на односите.

– Не постои договор, ниту експерт, правник или политиколот што може да изработи одредби од договор чиј успех не зависи од довербата на двете страни. Тоа е суштинско значење, клуч за успех на каков било договор. Преспанскиот договор претставува пример, признаен модел на решавање проблеми и помирување преку активен дијалог, а притоа ја нагласува довербата на страните. Недовербата креира средина на скептицизам, состојба што ги урнисува билатералните односи меѓу земјите и сите напори за постигнување напредок во сите области, рече Османи.

Османи истакна дека во услови државите од регионот напорно работат за исполнување сложени реформи, целта мора да е јасна, нема дилема дека големо е разочарувањето кога не се вреднуваат напорите за достигнување на европските критериуми.

– Доколку не се валоризираат напорите на оние кои имаат амбиции да ги исполнат критериумите, постои опасност од прелевање на разочарувањето низ регионот, а напорите за изнаоѓање решенија стануваат контрапродуктивни, рече Османи.

Кога станува збор за овој дел од континентот што не е дел на ЕУ, шефот на македонската дипломатија посочи дека Западниот Балкан како природен дел на Европа веќе подолго време е внатрешно прашање на ЕУ и дел од процесите во рамки на Унијата.

– Дали некој се уште може да зборува за проширување, кога овој централен дел на континентот воопшто не ја менува сликата на Европа. Ние не се гледаме како неинтегриран остров на европското тло, туку како централен дел од европското копно, цврсто решени и посветени кон компетирањето на ЕУ, како најуспешен политички проект во историјата, рече Османи изразувајќи уверување дека ЕУ ќе продолжи со промовирањето дијалог, изнаоѓање заеднички интегративни цели и решенија.

Тој најави дека Северна Македонија нема алтернатива на полнорпавно членство во ЕУ, дека ќе продолжи дијалогот со Република Бугарија во рамки на евроинтеграциските процеси, со максимална ангажираност и посветеност во таа насока.

Олта Џачка, министерката за Европа и надворешни работи на Албанија од своја страна посочи дека и покрај проблемите, на Западен Балкан се уште постои позитивен импулс за демонстрација на подготвеност за соработка во насока на унапредување и подобрување на севкупните состојби во регионот.

– Интеграцијата во ЕУ беше клучна за трансформацијата на Западен Балкан. ЕУ очигледно нема стратешки пристап да го направи остварлив тој европски сон. Што би направиле како земји заглавени во овој миг и разочарани од актуелната ситуација, во насока на привлекување на вниманието на ЕУ. Унијата веќе разбира дека се нанесени штети во нејзиниот кредибилитет…, рече меѓу другото Џачка.

Костас Фрагогијанис, заменик-министер за надворешни работи и економска дипломатија на Грција, рече дека иницијативите за поттикување и негување на дијалогот се секогаш потребни во регионот како овој што постојано е исправен пред најразлични предизвици.

– Треба да се работи на постигнување взаемно разбирање, доверба, размена на мислења, подобрување на синергијата и да се надминат резликите во духот на добрососедски односи. Доколку интенција на дијалогот е да биде делотворен, истиот мора да се базира на општо прифатливи правила, рече тој, притоа нагласувајќи ја потребата од целосно исполнување на одредбите од Договорот од Преспа, како начин за зајакнување на соработката и унапредувањето на меѓусебните односи.

Тој истакна дека Грција уште од Самитот на ЕУ во Солун ја истакнала потребата од целосно интегрирање на државите од Западен Балкан во ЕУ, а своите заложби за принципиелен дијалог и добра соработка со соседите ги демонстрирала преку различни аранжмани за соработка во Југоисточна Европа, за многу од нив во улога на иницијатор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *