Дваесет и четири години од формирањето на Полкот за специјални операции беа одбележани денеска во касарната „Илинден“ во Скопје.
На 1 март 1994 година во АРМ прв пат беше формирана единица за специјални намени, позната како „Волци“. Како команда на специјална единица функционираше од 2002 до 2003 година. Во декемри 2003 година со одлука на врховниот командант на АРМ единицата е преструктуирана во одред за специјални намени. Во ноември 2006 година е извршено преструктуирање на единицата во Полк за специјални операции.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање пред припадници на Полкот нагласи дека со формирањето на ова единица е означен почетокот на професионализацијата на Армијата.
– Единицата за специјални операции се смета за огледало на една армија и одраз на начинот на функционирањето во неа. Токму затоа високите критериуми за селекција на кандидатите кои имаат желба да бидат во овие редови и одбирањето на најдобрите треба да биде неприкосновена норма во вашите редови, порача Шекеринска на церемонијата.
Нагласи дека македонските војници заслужуваат подобар живот и достоинствена служба. Трудот, вложеноста и жрвата на припадниците на АРМ мора да бидат соодветно вреднувани и адекватно наградени. Ќе се стремиме во годината што доаѓа да го постигнеме тоа на повеќе полиња, додаде Шекеринска.
– Високата мотивираност, посветеност, ентузијазмот и силната желба да се достигне совршенство во својата професија, армиските специјалци за кратко време ги вивнаа на највиското место меѓу најдобрите. На сите добро познати под името „Волци“, специјалците на АРМ во целост го оправдаа и мотото „Секогаш и секаде први“, како препознатливи симболи со кои станаа синоним за современиот и врвно обучен војник на Армијата, изјави командатот на специјалните сили, бригадниот генерал, Орце Јордев.
Додаде дека за развој на полкот до сегашната поставеност придонеле и македонските „ренџери“, кои со мототот „Секогаш чекор понапред“ покажале дека се целосно компатибилни со мисиите и задачите, не само во Полкот за специјални операции, туку и во единиците од ваков ранг од НАТО членките. Тоа било верифицирани и од меѓународните оценувачи на последното оценување минатата година.
Полкот за специјални операции од јуни 2003 до јуни 2008 година учествуваше со 11 ротации на контингенти во мисијата „Слобода за Ирак“. Учествуваше и во мировната мисија „ИСАФ-Феникс“ во Авганистан во периодот од мај до декември 2010 година. Поединци од составот учествуваа и во мисиите во БиХ, Либан и Авганистан.