„Задоволство ми е денеска што сме овде заедно за да покажеме на кој начин напредува нашата билатерална соработка со стратешкиот партнер и сојузник – САД, но како напредува и модернизацијата и опремувањето на нашата армија“, рече министерката Радмила Шекеринска на денешното примопредавање на мобилната станица за деконтаминација, донација од САД.
На примопредавањето, на кое присуствуваше и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз и тимот за обука од САД, беше извршена презентација на можностите на станицата која може да опслужи и до 50 луѓе наеднаш, како и презентација на извидничката опрема за откривање на радиолошко, хемиско и биолошко оружје.
„Ова што денеска имавме прилика да го видиме е речиси целосно заокружување на системот со кој што и Армијата на Република Северна Македонија ги развива своите капацитети за атомска, биолошка и хемиска одбрана и со кои што и ние како Армија – членка на НАТО алијансата обезбедуваме опрема која што е неопходен дел од синџирот на обезбедување“, истакна министерката. Со нашиот сојузник, САД, рече Шекеринска, покажавме дека како што работевме заедно на нашето членство во НАТО, така и по членството работиме на развој на нашите капацитети, на развој на Криволак, на развој на одбранбената и севкупната соработка помеѓу нашите две земји.
Министерката рече дека поддршката од сојузниците како САД, доаѓа затоа што покажавме и иницијатива и резултати и во сопствен развој на нашите армиски способности. „Денеска сме тука да ја видиме опремата која ја добиваме како донација, но веќе за Армијата ние успеавме да обезбедиме одреден број на заштитни маски со договор кој што е веќе потпишан а во тек е набавка и на 1000 комплети за АБХО опрема кои што ќе бидат насочени на нашата лесна пешадија, на тимовите на специјалци и на АБХО четата која што денеска ни е домаќин“, посочи Шекеринска и додаде дека опремата ќе стои на располагање и на цивилните институции. „Кога Армијата е посилна, и државата е посилна“, рече таа.
Амбасадорката Брнз рече дека мисијата на АБХО единицата е единствена и посебна не само затоа што е обучена да ги спасува граѓаните на Северна Македонија во војна туку затоа што и служи на државата во случаи на природни катастрофи и други предизвици. „Видовме денес дека пред нас стојат професионалци кои знаат како да ракуваат со оваа опрема и навистина ми претставува задоволство што ќе имаат можност да работат на најдобрата опрема за АБХО заштита“, истакна Брнз и додаде дека ја очекува со нетрпение нивната изведба во септември во Охрид, на вежбата на Координативниот центар на НАТО за одговор на катастрофи. „Може да заклучиме дека начинот на кој што одговараме и на климатските промени и на нападите од надворешни чинители е начин на кој што и Алијансата функционира, односно тоа докажува дека заедно сме посилни што всушност е паролата на НАТО и на соработката помеѓу САД и Република Северна Македонија“, рече амбасадорката Брнз.