Од Париз порака дека С Македонија заслужува старт на преговорите за содлижување, се очекува засилен притисок врз Софија

Во пресрет на Советот на министри и Самитот на ЕУ, од Париз францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство во Унијата без одложување, додека експертот за Балканот од универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашинтгон Даниел Сервер смета дека се очекува Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да изврши зголемен притисок врз Бугарија за откочување на евроинтегративниот процес на земјава. Во исто време, од Софија стигна порака дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е меѓу клучните приоритети на надворешната политика на Бугарија.

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа од пред Елисејската палата во Париз му порача на премиерот Зоран Заев дека земјава заслужува да ги почне преговорите без одложување

– Патот на Македонија беше извонреден. Денес ве примам како сојузник во Париз неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја станата членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција. Договорот од Преспа кој вие го изработивте, драг Зоран заедно со Алексис Ципрас заслужува да се нарече  историски. Вие покажавте голема политичка храброст за да успеете и да го убедите вашиот народ. Сакам да потсетам овде дека ништо не беше напишано однапред, вие го изградивте и носевте со Алексис Ципрас и го зацврстивте, нагласи Макрон.

Осврнувајќи се одлуката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и на исполнетите услови, францускиот претседател нагласи дека е време за нејзина реализација.

– Време е да се конкретизира ова одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите. Вашата земја заслужува да ги почне преговорите со ЕУ без одложување, додаде Макрон.

Премиерот Заев од своја страна оцени дека предлозите на португалското претседателство со ЕУ претставуваат добра основа за решение.

– Северна Македонија е подготвена за дијалог кој ќе ни донесе прифатливо решение во рамките на Договорот за пријателство со Бугарија. Тоа значи дека прашањето за македонскиот јазик и македонскиот идентитет не треба да се најдат на преговарачката маса, нагласи премиерот Заев.

Еотксперт за Балканот Даниел Сервер вчера во изјава за МИА оцени дека се очекува Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да изврши зголемен притисок врз Бугарија за откочување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, додавајќи дека смета оти претпристапните преговори меѓу Скопје и Брисел за членство на нашата земја во ЕУ треба да се отворат во јуни.

Тој очекува американската Администрација да изврши притисок врз Бугарија за изнаоѓање брзо решение во однос на „апсурдните барања до Северна Македонија“ поврзани со јазикот и историјата, што, според него, е причина за фрустрација во многу европски центри и во Вашингтон.

– Администрацијата ќе изврши голем притисок што ќе ја оптоварува Бугарија. Иако, не сум убеден дека некој во Софија го слуша тоа, изјави Сервер.

Амбасадорот на Словенија во ЕУ, Изток Јарц, за МИА изјави дека проширувањето и пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија се од голема важност за словенечкото претседателство со ЕУ, кое започнува на 1 јули.

Тој истакна дека Словенија за време на своето претседавање со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување во ЕУ согласно новата методологија за преговори и се надева дека тоа ќе помогне да се засили ЕУ перспективата за земјите од Западен Балкан.

Јарц додаде дека е можно идната недела веќе да се разговара за односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија на амбасадорско ниво, во пресрет на Советот за општи работи на 22 јуни на кој треба да се донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија.

– За Словенија е важно да се промовира интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ и се разбира да се надмине застојот помеѓу Бугарија и Северна Македонија, ние сме многу благодарни за дипломатската работа на Португалија во овој поглед, и колку што знам темата треба да се дискутира идната недела, изјави амбасадорот на Словенија во ЕУ, изразувајќи надеж дека меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија ќе се одржат што е можно поскоро.

Претставувајќи ги надворешно-политичките приоритети на неговата земја пред дипломатскиот кор акредитиран во Софија и пред претставниците на 83 земји и меѓународни организации, шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев вчера изјави дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и на Северна Мекедонија, е меѓу клучните приоритети на надворешната политика на Бугарија.

Тој нагласи дека поддршката на Бугарија за земјите од Западен Балкан е конзистентна и се заснова на клучни принципи за следење на критериумот за индивидуалните достигнувања на секоја земја кандидат за членство и инсистира во Преговорачката рамка за Република Северна Македонија да се земат предвид и нејзините забелешки.

Истакнувајќи го континуитетот и политиката на Бугарија во однос на европскиот пат на Република Северна Македонија, Стоев нагласи дека во последните години Софија изразила загриженост за спроведувањето на билатералниот договор од 2017 година.

Според Стоев, Бугарија и натаму ќе биде еден од најсилните поддржувачи на процесот на проширување на Унијата, што се докажа за време на бугарското претседавање со ЕУ и при заедничкото копретседавање со земјава со Берлинскиот процес во 2020 година.

И шефот на бугарската држава Румен Радев во видеоконференциски разговор со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли порача дека неговата земја принципиелно и доследно ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија. Румен Радев посочи дека Бугарија очекува одржливи резултати во процесот на градење добрососедски односи и во тој поглед е најважен „директен и отворен дијалог меѓу двете најблиски земји на Балканот за да се постигне вистински напредок“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *