Скопје и Атина меѓу оптимизот и реалните опции

Оптимизот и увереноста за можност од скоро решение за името, достоинствено и прифатливо за двете страни, опстојуваат се уште на македонската страна. Пораки за пореални и разумни очекувања за спорот упати и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу.

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за „Фајненшл тајмс“ оценува дека Македонија и Грција се приближуваат кон решение на долгогодишниот спор за името. Изразува и надеж дека ова прашање би можело да биде затворено пред самитот на НАТО во Брисел во јули годинава од каде Македонија очекува покана за членство.

– Јас сум оптимист. Многу е тешко, и свесни сме за тоа. Но, би било добро за двете страни да најдеме решение што е можно побрзо, вели Заев.

Повторува дека не е неопходна промена на Уставот на Македонија, на што инсистира грчката страна како гаранција за евентуалниот договор.

За имињата кои во јавноста се спомнуваат како предлози на медијаторот Метју Нимиц (Република Македонија (Скопје), Северна Македонија, Горна Македонија, Вардарска Македонија и Нова Македонија), Заев посочува дека Нова Македонија е неприфатливо, бидејќи нема географска одредница, но оти може да се преговара за другите четири имиња.

Во меѓувреме, портпаролот на македонската Влада Миле Бошњаковски вчера изјави дека работите на решавање на проблемот со името одат со предвидената динамика, а оптимизмот се уште е на високо ниво, како и оти преговорите се водат исклучиво преку медијаторот Метју Нимиц и ОН.

– Оптимизмот за решавање на проблемот со името се уште е на високо ниво. Ние не преговараме преку медиуми и не испраќаме пораки преку медиумите, туку даваме исклучиво насоки дека ставовите на двете страни се приближени, на маса  постои документ врз основа на кој се преговара. Јасно е решението какво може да биде, но не исклучуваме ништо додека течат преговорите и секогаш кога имаме информација од интерес за граѓаните јавно ја соопштуваме, рече Бошњаковски.

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, пак, во разговор со грчките новинари што ги следат парламентарните расправи, изјави дека ако постои расположение од страна на сегашната влада во Скопје, Грција треба да го искористи тоа, а потенцирал и дека решението секако ќе го содржи и терминот Македонија. Според него, треба да се видат кои се реалните опции, а тие, како што посочува се две.

– Или ќе остане привременото име ПЈРМ кое полека, полека, ќе се изгуби и ќе остане само Македонија или ќе треба да избереме едно сложено име што ќе ги гарантира сите наши суверени права, прашањето со Големата идеја, симболите и др. Во спротивно ќе бидеме континуирано под притисок и одговорни што не помагаме во НАТО и ЕУ, односно дека сме дел од проблемот, им рекол Папандреу на грчките новинари, јави дописникот на МИА од Атина.

Папандреу се навратил и на периодот кога беше министер за надворешни работи (1999 – 2004), кога според него двете страни биле многу блиску до договор за името „Горна Македонија“, но, наведува, не бил постигнат поради внатрешни политички превирања кај северниот сосед и реакциите на Албанците. Ја споменува и 2008. кога, вели, заедно со тогашниот премиер Костас Караманлис и останатите лидери на политичките партии ја формирале националната линија за сложено име, која била поддржана од Парламентот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *